Албанските граѓани од денеска се ослободени од обврската да носат маски на отворен простор. Мерката е дел од ослободувањето на рестрикциите по речиси седум месеци од нивното воведување.
Полицискиот час наместо во 22 ќе почнува во 23 часот и ќе трае како и досега до 6 часот, а се отвораат и стадионите, театрите и кината, кои ќе работат со капацитет од 30 отсто, но остануваат затворени ноќните клубови и дискотеките.
Во зависност од епидемиолошката состојба, од 15 јуни полицискиот час ќе биде покус за еден час и ќе почнува на полноќ.
Во последните денови Албанија бележи значително намалување на бројот на заразени и починати од ковид. Според вчерашниот извештај во последните 24 часа е регистриран еден смртен случај поврзан со ковид, а регистрирани се само шест новозаболени.

Во меѓувреме албанскиот премиер Еди Рама на Фејсбук објави дека во земјата пристига нова пратка со 11 700 вакцини од компанијата „Фајзер“, со што вкупната бројка на досега добиени вакцини е 858 750 дози.
„Продолжуваме без застој со процесот на вакцинација, со кој досега се опфатени 776. 61 граѓанин, главно постари лица и вработени во ризичните сектори. Нашата цел милион вакцинирани во текот на јуни е пред реализација“,
порача Рама.