Министерството за здравство на Албанија, во официјалното соопштение непосредно по полноќ, ги потврди првите два случаи на заразени со новиот коронавирус во оваа соседна земја.
Веднаш по ова, владата на Албанија на вонредна седница донесе одлука да се затворат училиштата во следните две недели.
„Денешните мерки предвидуваат запирање на летовите кон Северна Италија и погодените области до 3 април. Училиштата се затвораат до 23 март. Време е да побараме и запирање на сите активности, јавни настани до 3 април“,
објави премиерот Еди Рама.
Според Рама, најголем непријател во оваа ситуација е паниката, а не самиот вирус, поради што побара од граѓаните да ги следат советите и препораките од здравствените институции.
„Бидете свесни и совесни, најголем непријател е паниката, а не ковид-19. Тоа не е чума од средниот век, ние не сме соочени со нешто непознато. Сите сме изложени на вирусот, и затоа да работиме заедно, да се заштитиме. Советите се едноставни за следење и им се препорачуваат на сите луѓе во светот. Ние сме во ситуација кога е загрозена иднината на човештвото“,
рече Рама
Ваквите мерки следуваат откако вчера кај двајца граѓани, татко и син кои се вратиле од Фиренца, Италија, е потврдено дека се заразени со коронавирус.