Георгиев, заедно со професорите Александар Спасеновски и Вели Креци, е вклучен во проект на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), со поддршка на УСАИД, од кој, меѓу другото, треба да произлезе физибилити студија за изборниот модел, која би ги опфатила аргументите „за“ и „против“ една изборна единица
Со ваквата поставеност во една демократија, каде би требало секој глас да вреди исто, ние сме на граница на уставна одржливост, оцени во дебатното издание на „360 степени“, Гордан Георгиев, доцент на Факултетот за правни и политички науки при Универзитетот ФОН. Георгиев, во контекст на фактичката ситуација, при што во шесте изборни единици низ Северна Македонија се станува пратеник со различен број гласови, вели дека прашање на момент е кога „ќе се прелее чашата“.
„Ќе мора да се направи нешто, условно кажано, да се нивелираат изборните единици при ваков постоечки изборен систем. Една изборна единица автоматски го регулира тоа прашање, практично, како некакво чудо“,
кажа Георгиев.
Во однос на стабилноста на владите при евентуално промена на изборниот модел со воведување една изборна единица, Георгиев вели дека стабилноста е клучно прашање во демократија, но таа е доведена под знак прашање и со актуелниот изборен модел. Тој укажува дека од 2008 година до денес, во државата постојано има предвремени парламентарни избори.
„Правевме теренска анкета на овие теми, плус неколку фокус групи и околу 62 проценти од граѓаните велат дека нам ни треба стабилна влада, не сакаме предвремени избори. Јас ја разбирам партиската логика, ги разбирам анализите на партиите, но тоа дава чувство на нестабилност. Кога зборуваме за евентуална промена или менување на изборниот систем, треба да се прашаме – зошто сакаме да го менуваме, каде се симптомите и во таа какофонија во јавноста, првата работа што ми паѓа на памет, а тоа го кажуваат сите анкети, вклучително и нашава, е дека граѓаните имаат неверојатна недоверба во три клучни политичко-правни актери. Први се партиите, над 89 отсто од граѓаните не веруваат или имаат лошо мислење за политичките партии. Тоа е драматична бројка, а гласаат. Втора е судството и третата е парламентот. Ако го тргнеме судството на страна во оваа дебата, видете ја врската, имаме политички партии кои генерираат пратеници во парламентот, тие две институции имаат најголема недоверба кај граѓаните, ова е симптом што е проблем“,
кажа Георгиев.
Изборен систем не се менува без широк консензус
Георгиев, заедно со професорите Александар Спасеновски и Вели Креци, е вклучен во проект на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), со поддршка на УСАИД, од кој, меѓу другото, треба да произлезе физибилити студија за изборниот модел, која би ги опфатила аргументите „за“ и „против“ една изборна единица. Студијата, која е во фаза на изработка, ќе биде еден вид преглед на начините на кои би можело да дојде до промена на изборниот систем во државата.
„Таа не е замислена како сугерирачка студија, таа е под водство на меѓународна експертка што работела на други такви студии низ светот (Марина Попеску од Романија, н.з.). Ние тројца, колегите Вели Креци, Александар Спасеновски и јас го даваме локалниот контекст, бидејќи во ваков тип студии, контекстот е круцијален. Идејата на студијата не е да наметне нов изборен систем или какви било промени, суштината е дека изборен систем не се менува без широк консензус, не само на политичките партии, туку и на разно-разни чинители во општеството“,
вели Георгиев.
Инаку, прашањето за евентуалната промена на изборниот модел се отвори на почетокот на годинава, кога група партии бараа воведување на една, наместо актуелните шест избори единици при изборот на пратеници во Собранието.
Најголемите партии дадоа поддршка во прва фаза за предлогот на пратениците од помалите партии за измени на Изборниот законик, главно напоменувајќи дека евентуалната промена на концептот за избор на пратеници треба да биде резултат на консензус.