Џафери денеска ги истакна и роковите и динамиката на работа на Собранието кои почнуваат да течат од утре, а треба да завршат до 28 јануари на полноќ, до кога треба да биде избрана техничката влада
На прашањето за евентуални кадровски промени на министерските и заменик-министерските места на ДУИ и Алијанса за Албанците, Џафери кажа дека тоа е надлежност на партиските органи коишто имаат право да учествуваат во таа влада
Талат Џафери, како иден мандатар на техничката влада, до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада ако од ВМРО-ДПМНЕ достават до него предлози за министри и дополнителни заменик-министри. За тоа, како што рече Џафери на денешниот брифинг со новинарите, нема пречка бидејќи таков е законот. Изјавата на Џафери доаѓа наспроти онаа на премиерот Димитар Ковачевски, кој пред пет дена рече дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Џафери денеска ги истакна и роковите и динамиката на работа на Собранието кои почнуваат да течат од утре, а треба да завршат до 28 јануари на полноќ, до кога треба да биде избрана техничката влада.
Собранискиот спикер рече дека во претходна координација и во согласност со премиерот се определени рамковните рокови, кои, како што нагласи, имајќи ја предвид специфичноста на избор на техничка влада како продукт на Пржинскиот договор, тие се скратени од редовните за постапување во вакви ситуации.
„Утрешниот ден е денот ’Д’ за поднесување оставки. Договоривме дека од утре настапуваат роковите за поднесување оставки и за отворање пат за одржување седница за констатирање на оставките и за известување на претседателот на државата дека Владата е во оставка. Потоа ќе го овластам потпретседателот на Собранието Горан Мисовски да ја води седницата на 26 јануари, в петок, и потоа ќе поднесам оставка“,
рече Џафери.
На седницата во петок, која е прва наредна седница, Џафери рече дека ќе бидат констатирани оставките на премиерот и неговата, а потоа пред да се гласа дневниот ред и ќе се предложи нова точка – избор на претседател на Собранието.
„По изборот, во случајов на Јован Митрески за претседател на Собранието, тој ќе го извести претседателот дека од име на мнозинската коалиција во Собранието е избран за претседател. На 26 јануари претседателот на државата Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за премиер на техничката влада и роковите ќе почнат да течат“,
објасни Џафери.
Потоа, претпладнето на 27 јануари Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на Владата.
Со тоа, нагласи Џафери, се отвора пат да се свика нова седница на 28 јануари на којашто би се избрала техничка влада и би се констатирал престанок на мандат на пратеникот.
„Потоа треба да се извести ДИК за престанок на пратенички мандат, врз основа на тој извештај и надлежноста на техничкиот премиер до Собранието да достави предлог за заменици и дополнителни заменик-министри. На 28 јануари ќе има нова седница за верификација на пратеникот којшто треба да дојде и за избор на заменици и дополнителни заменик-министри. Двете седници треба да завршат на 28 јануари. Составот на Владата треба да е целосен за да може да стапи во функција сто дена пред парламентарните избори“,
изјави Џафери и додаде дека Владата ќе биде во склад на Уставот и законот.
Според Џафери, иако се предвидени два дена за дебата, според досегашната воспоставена практика тоа се завршувало за еден ден.
На прашањето за евентуални кадровски промени на министерските и заменик-министерските места на ДУИ и Алијанса за Албанците, Џафери кажа дека тоа е надлежност на партиските органи коишто имаат право да учествуваат во таа влада. Тој кажа дека нема причина да коментира ничија одлука и додаде дека тоа не е работа со која тој е оптоварен.
На дополнително прашање дали овој одговор значи дека не очекува да има промени, Џафери рече дека не сака хипотетички да зборува и дека во однос на идната влада не е проблем дали ќе бидат истите или ќе има други министри.
За најавите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за него, вели дека не се оптоварува со тоа кој како ќе гласа.