Нелогично е држава како Македонија, со финансиските и буџетските проблеми што ги има во моментот, во период од два до три месеци двапати да троши пари за избори, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во гостувањето во „360 степени“ на ТВ Алсат
Ако нема предвремени избори напролет или налето, тогаш нормално е заедно да се одржат претседателски и парламентарни избори во 2024 г.. Ова е одговорот на потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на прашањето како ќе се постави партијата ако не се остварат најавите на нивниот лидер Христијан Мицкоски за распуштање на парламентот до почетокот на февруари.

„Доколку не успее процесот во периодот во кој би се овозможиле изборите во предвремен термин пролетта или летото оваа година, тогаш веќе влегуваме во фаза каде што најнормално е заеднички предвремени претседателски и парламентарни избори на кои очекуваме резултат во интерес на граѓаните што ќе донесе нова влада“,
рече Муцунски.
Според него, нелогично е држава како Македонија, со финансиските и буџетските проблеми што ги има во моментот, во период од два до три месеци двапати да троши пари за избори.
На прашањето што ако власта, сепак, реши изборите да се одржат одделно – прво претседателските, а потоа парламентарните, Муцунски одговори:
„Тогаш ќе треба партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ да заседаваат и да видиме каква ќе биде нашата реакција на една таква неразумна одлука што би ја донело мнозинството.
360°: Па, дури и да не учествувате на избори?
„Секоја опција во тој момент е на располагање бидејќи нашата примарна цел е да ги заштитиме демократските процеси, но и да го заштитиме буџетот на државата“.