Шефот на државата смета дека, и покрај одлуката за распуштање, е се уште валиден мандатот на овој собраниски состав, ама дека Џафери и пратениците треба да одлукат дали ќе се состанат
Ако Собранието се состане, претседателот Стево Пендаровски ќе им ги достави на потврдување на пратениците одлуките за прогласување вонредна состојба. Ова го најавуваат од кабинетот на претседателот Пендаровски, по иницијативата на СДСМ за свикување на распуштениот парламент, така што претседателот на Собранието Талат Џафери би закажал седница по барање на најмалку 20 пратеници, за што веќе се собрани потребните потписи.
„Претседателот Пендаровски, во изјавата при повторното утврдување вонредна состојба, истакна дека пратениците се се уште со валиден мандат. Но дали ќе се состане Собранието е одлука на претседателот на парламентот и на пратениците. Ако Собранието се состане, согласно со уставните одредби, кабинетот ќе ги достави на потврдување одлуките со кои е утврдено постоењето вонредна состојба на целата територија на државата“,
велат од претседателскиот кабинет за „360 степени“.
Се очекува СДСМ утре да ја достави до спикерот Талат Џафери иницијативата за свикување на парламентот, на која се потпишани триесетина пратеници од неколку партии и пратенички групи. Предлогот е на седницата да се разгледаат две точки, односно да се потврдат двете одлуки на Пендаровски за прогласување вонредна состојба и да се донесе одлука за свикување на парламентот по потреба.
Џафери изјави денеска за „360 степени“ дека тој нема право со индивидуален акт, каква што би била одлуката за закажување седница, практично, да ја поништи одлуката на мнозинството пратеници за самораспуштање.
Во однос на можноста Собранието да ја потврди одлуката на претседателот за прогласување вонредна состојба, Џафери посочува дека Уставот предвидел и ситуација кога парламентот не е во можност да се состане. Објаснува дека прашањето дали овој или следниот парламент ќе ја потврди вонредната состојба, всушност, е хипотетичко.
„Според Уставот, вонредна состојба може да прогласат парламентот и претседателот на државата. За парламентот да прогласи или да потврди одлука за вонредна состојба е потребно двотретинско мнозинство. Затоа, и во случај парламентот да се состане, прашање е дали ќе обезбеди двотретинско мнозинство за потврда на одлуката на претседателот, кој, сепак, има надлежност да прогласи вонредна состојба“,
вели Џафери.
Шефот на државата, по последната седница на Советот за безбедност, им забележа на Џафери и на пратениците за тоа што не се состануваат, иако, како што рече, тие се уште земаат плата за функцијата и никој од нив не побарал апанажа. Пендаровски, исто така, рече дека тој ќе ја преземе одговорноста и ќе донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба, затоа што во овој момент јавното здравје е поважно од правните ограничувања.