Џафери вели дека како претседател на Собранието е должен да го обезбеди времето што го пропишуваат Уставот и законите за да се организираат изборите, но и дека има законска обврска за формирање техничка влада три месеци пред изборите

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ги чека парламентарните партии до Нова година да најдат консензус и да се договорат околу термините за двата изборни процеси. Ако политичките партии не постигнат консензус за датумите, Џафери вели дека тој ќе постапи според неговите надлежности и ќе распише избори.
Џафери вели дека како претседател на Собранието е должен да го обезбеди времето што го пропишуваат Уставот и законите за да се организираат изборите, но и дека има законска обврска за формирање техничка влада три месеци пред изборите.
Во однос на тајминзите за распишување избори, Џафери појасни дека двата изборни процеси, парламентарни и претседателски, се разликуваат и по уставните и законски рокови, редовноста и спроведување на постапката.
„Во крајна инстанца, моја уставна и законска надлежност и обврска е да водам сметка за термините за спроведување избори коишто би биле во рамки на уставните и законските рокови. Партиите имаат можност да се усогласат и да кажат кога ќе бидат подготвени да учествуваат, а моја обврска е да спроведам“,
рече Џафери на настан во гостиварското село Форино, каде што беше со министерот за образование и наука.
Џафери рече и дека треба да се води сметка за повторување на поединечни места од вториот круг доколку тие резултати влијаат на конечниот исход на избори. За парламентарните избори напомена дека тие треба да се спроведат во рамките на последните 90 дена од мандатот на актуелниот состав.
„Доколку имаат согласност – во ред, доколку не, настапуваат моите обврски и овластувања. Затоа што јас не можам да се раководам по партиските одлуки, дали ќе остварат консензус или не. Јас имам обврска во рамки на законски рокови да распишам избори“,
рече Џафери.
Според Џафери, роковите за распишување се минимум 70, до максимум 90 дена. Во однос на парламентарните избори, тој вели дека како резултат на Пржинскиот договор и Законот за влада, 100 дена пред гласање, дали на вонредни или редовни, треба да има техничка влада.
„Нема да оставам да ме прегазат роковите“,
додаде Џафери.
На прашањето околу продолжувањето на седницата за уставните измени тој напомена дека точката на дневен ред била уште во август и општата дебата е завршена.
„Седницата е прекината и чека на пратениците да рефлектираат по однос на потребата од обезбедување соодветното мнозинство. Дали и како ќе рефлектираат, тоа не е прашање коешто треба мене да ме засега. Тоа прашање ги засега субјектите, односно претставниците присутни во Собранието“,
додаде Џафери.
Ставот дека ќе ги чека партиите до Нова година да се договорат за консензус за датумот за избори Џафери го кажа и пред две недели. Тој тогаш, на брифинг со новинарите, рече оти претседателските избори не можат да бидат предвремени и тие треба да се одржат во рок од 60 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, односно новоизбраниот претседател мора да биде инаугуриран на 12 мај. Согласно таа рамка од 60 дена, според Џафери, претседателските избори треба да се одржат, првиот круг најрано на 14 март и вториот круг најдоцна на 12 мај.
Што се однесува до парламентарните избори, според уставниот рок од 90 дена, тие би можеле да се распишат најрано на 5 мај 2024 година, објасни спикерот. Сè што е пред 5 мај, се предвремени избори и тогаш важат други рокови. Во врска со парламентарните избори, треба да се има предвид и рокот за формирање техничка влада, 100 дена пред нивното распишување.