Никогаш Министерството за правда не закажувало датуми за избори, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како одговор на повикот на премиерот Ковачевски во рамки на работната група за измени на Изборниот законик, да разговараат и за датум за избори.
„Подготвени сме да разговараме уште денеска и подготвени сме да ги прифатиме овие два датуми, првиот круг претседателски и вториот круг претседателски заедно со парламентарни, оние коишто ќе ги каже владата на ДУИ и СДСМ. Министерство за правда никогаш ниту одредувало датум ниту, пак, има такви ингеренции да одредува датуми. Јас го разбирам Димитар Ковачевски, тој е поставен за вршител на должноста претседател на Владата, уште некое време ќе ја врши таа должност, нема изборно искуство, нема претходно искуство во овие процеси и можеби во овој занес да глуми мачо политичар влегува во еден севдах којшто, навистина, никој не го разбира, ниту јас, ниту било кој политичар, ниту, пак, меѓународната заедница“,
рече Мицкоски.
Тој потенцира и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Изборниот законик ќе го изнесат кога ќе дојде ред во Собрание.
„Тој Изборен законик повторно ќе дојде во собраниска процедура и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе се произнесе врз основа на тие измени што ќе ги добиеме како предлог. Точно е дека ние не учествуваме, но тоа не значи дека нема да учествуваме во носењето на измените или во носењето на новата верзија на Изборниот законик“,
додаде Мицкоски.
Вчера Ковачевски посочи дека работната група во Министерството за правда разговара околу сите прашања поврзани со изборите. Во таа работна група, како што рече тој, прво ќе бидат усогласени финално препораките на ОБСЕ/ОДИХР во законот и исто така може да се разговара за точниот тајминг на изборите.
„Единствено ВМРО-ДПМНЕ нема делегирано свој претставник. Ги поттикнувам да делегираат свој претставник бидејќи не може една или две партии да одлучуваат за процес во кој учествуваат 30 и повеќе политички партии. Местото за такво нешто е во работна група, која како и секогаш тоа го прави“,
рече Ковачевски.