„Ние имавме состанок на Извршниот комитет во вторникот, имавме состанок на Централниот комитет во четвртокот – јасно, неподелено е мислењето и поддршката за претседателот на партијата во ова што го прави, затоа што човекот ја изнесува вистината во јавноста и партијата мора да го заврши овој процес на катарза, којшто почна во октомври 2018 година кога Сашо Мијалков беше исклучен од членство во партијата, а завршува сега“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Фејсбук-објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со која му реплицираше на својот претходник Никола Груевски, не ја споделија еден од потпретседателите на партијата, членови на Извршен комитет, најмалку двајца скопски градоначалници, како и градоначалници од внатрешнoста. Дали ова може да биде индикација дека единството во ВМРО-ДПМНЕ не е на нивото за кое зборува Мицкоски – беше едно од прашањата до потпретседателот на опозициската партија, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Николоски: Тоа е кој како е активен на социјални мрежи. На пример, јас сум повеќе на Фејсбук, помалку на Твитер, најмалце на Инстаграм…
360°: Но, конкретниот потпретседател објави друг пост кој е сосема неутрален во однос на темата за судирот Мицкоски–Груевски.
Николоски: Ние имавме состанок на Извршниот комитет во вторникот, имавме состанок на Централниот комитет во четвртокот – јасно, неподелено е мислењето и поддршката за претседателот на партијата во ова што го прави, затоа што човекот ја изнесува вистината во јавноста и партијата мора да го заврши овој процес на катарза, којшто почна во октомври 2018 година кога Сашо Мијалков беше исклучен од членство во партијата, а завршува сега. ВМРО-ДПМНЕ ја има таа пракса на повремено прочистување, на повремени катарзи, за да може да оди напред и досега е единствена политичка партија која успеала тоа да го направи.
Според Николоски, „битките“ во СДСМ на релација Бранко Црвенковски – Зоран Зав или, пак, Зоран Заев – Димитар Ковачевски, се далеку пожестоки, но се држат зад сцената. Николоски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ се транспарентни, затоа што сметаат дека јавноста треба да ги знае позициите на актуелното раководство.
Тој вели дека во периодот 2017-2018 г. партијата била во состојба на драматичен пораз на локалните избори, со 9,5 милиони евра официјален долг на сметка, со пратеничка група надвор од Собранието, со пратеници во притвор, дома стигматизирана, во екстремно лоши односи со медиумите итн.
„Од ова да стигнете до ситуација на убедлива победа после само три години на локалните избори, којашто ќе го пензионира Зоран Заев и целата прва екипа на СДСМ, со исклучок на Оливер Спасовски и да ја донесе партијата до убедливо највисок рејтинг на сите истражувања на јавно мислење, мислам дека не може никако да се протолкува освен како успех, во услови кога бројни членови на партијата од поранешни раководства правеа сè за тоа да не се случи, беа чести гости, особено кај Зоран Заев, се во фреквентна комуникација со СДСМ и особено со ДУИ, пред сè, со Али Ахмети и Артан Груби… И овие работи мора да се кажат јасно и јавно, затоа што после победата на парламентарните избори ќе има катарзи и прочистување на Македонија од лошите пракси коишто се случуваа во минатото“,
вели Николоски.
На новинарска констатација дека Груевски, сепак, се појавува со одреден рејтинг на анкетите, а Мицкоски го нарекува „сениште од минатото“, иако беше негов советник и директор на ЕЛЕМ во тоа време, како и дека и Николоски може да се смета за негово политичко чедо, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговара дека Груевски имал добри моменти во периодот на владеењето и дека реакциите за него се за работи што се случуваат во период кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, а тоа е надвор од партијата.
„Ако сте одлучиле да се повлечете од партијата, да си дадете оставка, тогаш е логично да не се мешате во работата на партијата, ниту да се мешате во политичкиот живот. Или тоа да го направите транспарентно, формирајте движење, политичка партија, па дајте ја својата понуда. Вакви игри позади сцена се нешто од што Македонија е уморна, се случуваат 32 години, веќе народот во ништо нема верба“,
вели Николовски.
На прашањето – колку гласови би откинал Груевски од ВМРО-ДПМНЕ ако судирот продолжи и тој, директно или индиректно, реши да настапи на парламентарни избори, Николоски вели:
„Мислам дека нема да откине гласови на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што партијата е единствена и јасна е поддршката на мнозинството на народот“.