Резултатите од земените мостри од храна и суровини за подготовка на храна, од сите училишни кујни во Општина Карпош каде што се подготвува храна, од АХВ велат дека покажуваат оти кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела

Лабораториските резултати од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) покажале дека нема присуство на бактеријата салмонела во централниот магацин на „Ванила фуд” што се наоѓа во ОУ „Димо Хаџи Димов”, исто како и во четирите кујни во основните училишта во Општина Карпош каде што се приготвува храна.
„Резултатите од земените мостри од храна и суровини за подготовка на храна, од сите училишни кујни во Општина Карпош каде се подготвува храна покажуваат дека кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела“,
информираат од Агенцијата.
Од АХВ велат дека тие се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната и додаваат дека изворот на заразата дополнително ќе се утврдува.
„Во две од училишните кујни со кои стопанисува овој оператор со храна земени се мостри само од работните површини за кои резултатите се уште не се добиени, бидејќи при надзорот, не е затекната подготвена храна. Најдени се само производи и суровини за подготовка на храна доставени од централниот магацин, од каде претходно веќе биле земени мостри, за кои лабораториските наоди потврдија отсуство на салмонела, односно, истите се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“,
наведуваат од АХВ.
Кујните во шесте основни училишта во Општина Карпош, кои минатата недела беа затворени од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), од денеска ќе бидат отворени откако се пристигнати негативни резултати по појавата на салмонела кај ученици од овие училишта.
Откако беа пријавени 12 случаи на ученици заразени со салмонела, Државниот здравствен здравствен и санитарен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје и Институт за јавно здравје Скопје. За време на надзорот беа земени мостри храна за анализа и беа земени брисеви од работни површини и брисеви од жива и нежива средина.
Забраната за работа на училишните кујни имаше во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски Карпош“, како и магацинот од каде што се врши дистрибуција на храна.