„Со надзорот е констатирано дека филтерната станица, резервоарите и главна водоводна мрежа повеќе години не се механички чистени и хиперхлорирани, иако Јавното комунално претпријатие има обврска тоа да го прави еднаш годишно, а за време на елементарни непогоди и зачестено“, велат од АХВ
Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов вели дека од истражувањето за примарната и секундарната водоводна мрежа, заедно со филтер-станицата со сите процеси за прочистување на водата и согласно добиените резултати нема детектирано никаков проблем, а според него проблем е техничката вода којашто се купува од браната „Турија“, односно од АД „Водостопанство“
Струмичкото јавно комунално претпријатие „Комуналец“ доби нови мерки од инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако по спроведениот инспекциски надзор во акумулацијата „Турија“ утврдиле дека целиот систем е контаминиран, информираат од Агенцијата.
Инспекторите наредиле да се спроведе мерката за механичко чистење и хиперхлорирање и повторно да се извршат лабораториски анализи по спроведувањето на мерките. Оттаму нагласуваат дека водата што се обезбедува од оваа акумулација за граѓаните од Струмица, сè уште не е безбедна за пиење.
При надзорот на акумулацијата, од страна на инспекторите за храна на АХВ, од осум мерни места биле земени мостри од водата во акумулацијата за лабораториско испитување.
„Со надзорот констатирано е дека филтерната станица, резервоарите и главна водоводна мрежа, повеќе години не се механички чистени и хиперхлорирани, иако, согласно членот 24 од Правилникот за барања на безбедност и квалитет на вода за пиење од Службен весник на РМ 183 од 02.10.2018, јавното комунално претпријатие има обврска тоа да го прави еднаш годишно, а за време на елементарни непогоди и зачестено“,
се наведува во соопштението од АХВ.
Инспекторите, додаваат од АХВ, направиле увид и на филтер-станицата и интерната лабораторија при што е утврдено дека струмичкото јавно претпријатие во моментов ги презема потребните мерки за намалување на нивото на манган во водата, чие ниво сè уште е високо.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 29 септември донесе решение со кое ја забрани употребата на водата во Струмичкиот регион поради зголемено присуство на манган и колиформни бактерии.
Оттогаш струмичани немаат пивка вода, а неизвесно е и до кога тоа ќе трае.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вчера на прес-конференција рече дека статистиката со која располагаат вели дека и во минатото имало случаи акумулацијата да има исто ниво на вода како што има денеска, но тогаш немало манган или бактерии во водата која била дистрибуирана и затоа изговорот дека акумулацијата е проблем паѓа во вода.
Изјавата на Трипуновски доаѓа откако градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, рече дека влезната вода во филтер-станицата, поради ниското ниво на браната Турија, доаѓа во форма на кал, со високо ниво на манган, која тие не можат да ја преработат во пивка вода.
Министерот го повика Јавното обвинителство да истражи зошто некој воопшто дозволил во Струмица да се дистрибуира вода која не била во фаза да биде пивка, а кажа оти нивните анализи покажале дека водата не била исправна и во изминатите месеци.
На ваквите изјави на Трипуновски денеска реагираше струмичкиот градоначалникт Костадинов кој рече дека тврдењата изнесени од министерот се малициозни, тенденциозни, невистинити и со крајна намера да го дискредитираат него како градоначалник и Општина Струмица.
„ЈПКД ‘Комуналец’ – Струмица спроведе истражување за примарната и секундарната водоводна мрежа, заедно со филтер станицата со сите процеси за прочистување на водата и согласно добиените резултати нема детектирано никаков проблем. Повторно укажувам дека проблем е техничката вода којашто ја купуваме од брана ‘Турија’, односно од АД ‘Водостопанство’“,
изјави денеска Костадинов.
Костадинов вели дека очекувал на вчерашната прес конференцијата да слушне бројки и анализи каква е водата во браната „Турија“, коишто треба да ги имаат направено институциите.
„Бидејќи министерот понуди помош, еве нека тргнат и нека направат анализа од водата која ни ја продаваат за да сфатат каква вода продаваат тие“,
рече Костадинов.
Тој им порача на АД „Водостопанство“ и на министерството да почнат да ги чистат каналите што се под нивна надлежност и со тоа да ги минимизираат можните поплавување и потенцијални еколошки катастрофи во Струмица и струмичко.
„360 степени“ објави репортажа од Струмица за проблемот со водоснабдувањето, а побар аи одговори од Институтот за јавно здравје за тоа кои се можните последици по здравјето на луѓето доколку пијат вода со манган над дозволените нивоа и дали таквата вода може да се користи за приготвување храна, како и за одржување на лична хигиена.
Одговорите што ги добивме се во најмала рака загрижувачки, особено за најмладите жители на Струмичко, ако се има предвид она што министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трифуновски, го кажа вчера на прес-конференција, а тоа е дека водата била загадена неколку месеци.
Од Институтот за јавно здравје велат дека иако луѓето треба да консумираат мали количини манган за да бидат здрави, покачените нивоа може да доведат до одредени негативни здравствени ефекти, особено кај доенчињата и малите деца, додека пак краткорочната изложеност на манган за возрасните и постарите деца веројатно не би требало да предизвика негативни здравствени ефекти.
Истите препораки како за пиење вода, важат и во однос на готвењето со вода која содржи повисока количина на манган. Тоа значи дека вода со нивоа на оваа супстанција над препораките не треба да се користи за готвење.
Кога станува збор, пак, за капење или туширање, зголемената количина манган не ја зголемува изложеноста на човековиот организам оти тој слабо се апсорбира низ кожата и не преминува во воздухот од водата.