Интегративците со „Вајмарската тројка“ разговарале и за, како што посочија, посветеноста во спроведувањето на внатрешните реформи




По средбите со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со премиерот Димитар Ковачевски, министрите за Европа на Германија, Франција и Полска кои се во официјална дводневна посета на земјава, се сретнаа и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од партијата на Ахмети соопштија дека во фокусот на средбата биле клучните околности во кои се наоѓа Северна Македонија за да се забрза нејзиниот чекор кон европската интеграција, како што се важноста од усвојувањето на уставните измени и надминувањето на спорот со Бугарија.
Ахмети кажал оти верува дека и во редовите на најголемата опозициска партија има европски сили кои ѝ мислат добро на државата.
„Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети пред претставниците на меѓународните сојузници на земјата ја елаборираше иницијативата што ја презема неговиот субјект за создавање европски фронт, постојаното инсистирање за рефлектирање од сите партии за надминување на овој ќорсокак, верувајќи дека дури и во редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ има европски сили кои мислат за доброто на државата и не ја сакаат нејзината изолација. Тој нагласи и дека ДУИ останува постојан чувар на Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, кои се склучени со поддршка на меѓународниот фактор и се сржта на мирот, напредокот и европската перспектива на земјата“,
соопшти ДУИ.
Претставниците на Вајмарската група денеска на прес-конференција порачаа дека се дојдени да ѝ оддадат признание на земјава за досегашните напори за членство во ЕУ, но и да повторат дека продолжувањето на патот кон Унијата без уставните измени е невозможно.
Според нив, 2030 година е реална цел за членство на Северна Македонија во ЕУ. Но, порачувааат – сега е моментот да се преземе одговорност.
По прес-конференцијата, министрите за Европа на Германија, Франција и Полска заминаа на средба со Мицкоски во „Белата палата“, по што домаќините соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ недвојбено се залага за членство на Македонија во Унијата, но и дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството се неприфатливи.
Попладнево на средба во Владата и премиерот Димитар Ковачевски им се заблагодарил на министрите од трите земји за тоа што ги охрабруваат партиите да гласаат за уставни измени.
„Вајмарската тројка“ ја сочинуваат министерката за Европа на Германија, Ана Лирман, државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лорeнс Бун и министерот за Европска Унија на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк. Тие попладнево го посетија и претседателот Стево Пендаровски.