„Ти благодарам Еди“, напиша лидерот на ДУИ на Фејсбук, објавувајќи и фотографии од средбата, од кои може да се види дека со него во Албанија се и речиси сите министри од оваа партија
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, придружуван од министри во македонската влада од редовите на партијата, денеска во Тирана оствари средба со албанскиот премиер Еди Рама.
Ахмети за средбата објави на Фејсбук.
„Ти благодрам за се Еди. Со поглед кон хоризонтот на перспективата за интеграција во Европската Унија и со цел продлабочување на соработката меѓу нас, денеска во Тирана братски се сретнавме со премиерот на Република Албанија, Еди Рама“,
напиша Ахмети.
Додава дека во фокусот на средбата била „меѓуинституционалната координација за најефикасните проекти за инфраструктурна интерконекција меѓу нас“.
Разговаравме, наведува тој во објавата, и за дијалогот со Бугарија и за очекувањата за деблокирање на нашиот заеднички европски пат.
„Како земји-членки на НАТО, изразивме загриженост за ескалацијата на ситуацијата во Украина, осудувајќи го нарушувањето на нејзиниот територијален интегритет и повикувајќи на мир и рационален дијалог меѓу страните“,
наведува Ахмети на Фејсбук.
Како што може да се види од фотографиите што ги објави Ахмети, со него во Албанија се и шефот на диполматијата Бујар Осмсни, министерот за финансии, Фатмир Бесими, првиот вицепремиер, Артан Груби…поточно речиси сите министри на ДУИ во Владата.
Од МНР, соопштија денеска дека министерот Бујар Османи, во рамки на својата работна посета на Албанија, се сретнал со Македонците во Албанија, како и со претставниците на нивните здруженија, при што биле разгледани повеќе прашања поврзани со натамошното унапредување на нивниот статус во албанското општество, како и за начините како двете држави, во рамките на својата соработка, можат да го помогнат овој процес.
„Детално беше разговарано за потребата од натамошно поврзување и продлабочување на соработката, особено од аспект на културната, образовната и економската сфера. Во оваа насока беше истакнато задоволство од активната поддршка што МНР ја дава во реализација на проектите поврзани со активностите на македонските здруженија“,
се наведува во соопштението.
Меѓудругото, наведуваат од МНР, заеднички беше констатирана потребата од промена на режимот на граничните премини, како што е привремениот граничен премин „Требиште-Џепиште“, како и заложбите на владите на Северна Македонија и на Албанија за целосно имплементирање на проектите кои произлегуваат од иницијативата „Отворен Балкан“.