Лидерите на останатите партии во „Европскиот фронт“, пак, упатија повик до претставниците на „Вреди“ да ја напушти „моноетничката, антиалбанска влада“ и да се приклучат кон нивната коалиција за „заедно да му ги покажат црвените линии на премиерот Мицкоски“
Нeмаме намера да станеме дел од владината коалиција, порача лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во име на опозициската коалиција „Европски фронт“, предводена од неговата партија.
На настанот по повод 100 дена од новата влада, насловена „100 дена скандали, потфрлања, омалуважувања“, освен што изрази незадоволство од досегашната работа на Владата, Ахмети рече дека немаат намера да станат дел од владината коалиција, за која кажа дека не ги почитува основните права на Албанците и другите помали заедници.
„Не сме заинтересирани да станеме дел од оваа влада бидејќи не сме резервна гума. Ние не сме претставници на анархијата и реваншизмот. Ние не делуваме според инстинктот, бидејќи сме изградени по национална идеологија. Антиалбанската кампања не е добра кога ги слушам сите тие изјави ‘Албанците нека одат во Албанија’, ‘оваа држава се вика Македонија’… Албанците секогаш ги почитувале меѓуетничките односи, и затоа исто треба да постапуваат и нашите сограѓани Македонци. Немаме сила да се занимаваме со инаети со други земји, туку на земјата ѝ треба мир и стабилност, борба против корупцијата“,
изјави лидерот на ДУИ.
Лидерите на останатите партии во „Европскиот фронт“, пак, упатија повик до претставниците на владиниот партнер „Вреди“ да ја напуштат „моноетничката, антиалбанска влада“ и да се приклучат кон нивната коалиција за „заедно да му ги покажат црвените линии на премиерот Христијан Мицкоски“.
„(‘Вреди’ н.з.) да ја напушти оваа влада која нè спречи на патот кон Европската Унија, која ја деалбанизира секоја институција, која го одзема правното и уставното право за вработување на Албанците, Турците, Бошњаците и сите други кои не се Македонци. Да ја напуштат оваа влада и да му се приклучат на ‘Европскиот фронт’ и заедно да седнеме и да најдеме решенија за прашања кои се важни за нашиот национален интерес, за меѓуетничките односи, за еден подобар образовен, здравствен, економски и социјален развој“,
порача Скендер Реџепи-Зејд, претседател на Народното движење.
Претставниците на „Европскиот фронт“ нагласија дека немаат намера да ја дестабилизриаат земјава, туку да организираат протести, како нивно демократско право.
„Нема да има дестабилизација, туку протести. Протестите не се дестабилизација, туку демократија. Кажете ни до каде ви е планот со угнетувањето на Албанците и другите заедници, а ние ќе ви кажеме до каде достигнува отпорот на ‘Европскиот фронт’“,
изјави Зијадин Села од Алијанса за Албанците на денешниот настн.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека тоа што пратениците на ДУИ поддржуваат закони во Собранието, за кои е потребно двотретинско мнозинство, не значи какво било нивно приближување кон Владата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пак, пред неколку дена изјави дека не би го изненадило и за очекување му е дека во наредниот период ДУИ сигурно би станала дел од Владата.