Лидерот на ДУИ и шефот на Делегацијата на ЕУ разговарале за актуелните политички случувања, реформите и европската перспектива на државата

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска во Скопје остварил средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, амбасадорот Михалис Рокас.
Како што соопштија од ДУИ, во фокусот на разговорите биле актуелните политички случувања во земјата и европската перспектива на Република Северна Македонија.
За време на средбата, соговорниците ги разгледале обврските што државата ги има преземено кон Европската Унија, а разговарале и за одговорноста што ја имаат институциите и домашните власти за ефикасно исполнување на сите неопходни реформи на патот кон полноправно членство во Унијата.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, уште еднаш го потенцирал цврстиот став на неговата партија во однос на стратешките приоритети на државата.
„Европската интеграција останува наш стратешки приоритет и врвен државен интерес. Северна Македонија нема друга алтернатива освен членството во Европската Унија“,
истакнал Ахмети.
Ахмети и Рокас заеднички ја согледале важноста од континуитет во реформските процеси, зајакнување на владеењето на правото, демократско функционирање на сите државни институции и зачувување на јасната проевропска ориентација на земјата.
Според нив, овие сегменти остануваат клучните предуслови за напредокот на интегративниот процес.
