Во видеообраќањето од САД, Бујар Османи оцени дека неговата претседателска кандидатура е важна мисија во низата мисии кои, како што вели, ја институционализираат еднаквоста и го запечатуваат институционалното достоинство на Албанците во земјава
Претседателските избори се референдум за заокружување на целосна рамноправност во државата – порача денеска во видеообраќање министерот за надворешни работи Бујар Османи откако лидерот на неговата матична партија Али Ахмети објави дека тој ќе биде претседателскиот кандидат на ДУИ на претстојните избори.
Османи оцени дека неговата претседателска кандидатура е важна мисија во низата мисии кои, како што вели, ја институционализираат еднаквоста и го запечатуваат институционалното достоинство на Албанците во земјава.
Во видеообраќањето снимено од Генералното собрание на Обединетите нации во САД, каде што шефот на македонската дипломатија се обрати во пресрет на двегодишнината од руската инвазија на Украина, Османи порача дека е дојдено време да ѝ се каже „’не’ на Русија и ‘да’ на Европа“. Истиот слоган вчера го употреби и лидерот на ДУИ кога ја најави кандидатурата на Османи на претседателските избори.
„Причината зошто ви се обраќам денес е да ви се заблагодарам за големата поддршка што ја добив од вас за номинацијата да бидам кандидат за прв претседател Албанец на Северна Македонија. Ми претставува огромна чест и со најголема понизност сакам да му се заблагодарам на лидерот Ахмети што ми даде можност да бидам носител на една од неговите мисии, но и на сите партиски структури и на многу политички непознати граѓани, кои станаа дел од сеопфатна државна платформа која вели дека не само што треба да бидам кандидат со единствено локално и меѓународно искуство за шеф на државата, туку пред сè треба да бидам носител на идејата дека, како што вели Али Ахмети, дојдено е времето“,
рече, меѓу другото, Османи во видеообраќањето на албански јазик.
Покрај што ја објави кандидатурата на Османи за претстојните претседателски избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера побара поддршка и доверба од граѓаните за барањето на ДУИ за уставни измени кои би се однесувале на тоа функцијата претседател на државата да се избира во македонското Собрание со двотретинско и со Бадентерово мнозинство. Дополнително, објави дека ДУИ се залага и за воведување нова функција – заменик-претседател која, исто така, би се избирала во парламентот.