На прашањето зошто тогаш целиот објект е со иконографија на УЧК, Османи нагласи дека станува збор за музеј кој е погрешно претставен како музеј на УЧК бидејќи, рече, одбележува трагичен настан од 1944 година
Во кумановското Сопот не се отворил музеј на УЧК, како што беше претставено, туку музеј кој одбележува настан од 1944 година, кога биле убиени 60-мина селани од селото.
Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со заменик-помошникот генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на НАТО, Хавиер Коломина.

Настанот што се случи изминатиот викенд предизвика бурни реакции во јавноста, откако во присуство на високи претставници на ДУИ, беше отворен музеј во рамките на меморијален центар во кумановското село Сопот, каде што беше поставена мермерна плоча, на која беше прикажана карта на „голема Албанија“.

На прашањето зошто тогаш целиот објект е со иконографија на УЧК, Османи нагласи дека станува збор за музеј кој е погрешно претставен како музеј на УЧК бидејќи, рече, одбележува трагичен настан од 1944 година.

„Беше погрешно претставен како музеј на УЧК“,
додаде тој.
Според шефот на македонската дипломатија, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, бил во кумановското село, но само како поканет гостин.
„Според мои информации, организаторите на настанот велат дека тоа е семејно земјиште и семејството тоа го изградило. Ние немаме никаков удел во тоа и единствено бевме поканети“,
рече Османи.
Во меѓувреме, веќе го нема спомен-обележјето на кое беше прикажана карта на „голема Албанија“ пред комплексот на УЧК.
Не е јасно кога е отстранет споменикот чија фотографија беше објавена на 4. ноември.
Инаку, вонредниот инспекциски надзор на градежен инспектор од Општина Куманово утврдил дека објектот каде што е отворен меморијален комплекс во кумановското село Сопот е дивоградба.
И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информира дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Според него, објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.
„Истиот е изграден на државно земјоделско земјиште, коешто во имотниот лист број 117 од катастарска Општина Сопот, се води на парцела 963. Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или, пак, сопственик на објектот. Истиот записник денеска е истакнат на огласна табла“,
посочува Димитриевски.
Најави дека ќе биде доставена и пријава до полицијата.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, предочи дека спомен-центарот е отворен на приватен имот бидејќи, како што рече, ако се работи за општествен имот, дозвола за тоа треба да даде општината. Тој додаде дека Општина Куманово, во чии рамки е селото каде што е отворен комплексот, немала информација во однос на тоа.
Ковачевски го коментираше и истакнувањето на картата на „голема Албанија“ во меморијалниот комплекс нагласувајќи дека е задоцнето 145 години. Ако нешто може да ги отслика односите на Балканот пред 145 или пред 200 години, оцени Ковачевски, се такви слични карти што ги има секоја балканска држава.