Како што јави телевизија Сител, вклучувајќи се во живо од Сопот, пред објектот е останат само каменот на кој била закачена мермерната плоча со спорната карта

Плочата на која беше прикажана карта на „голема Албанија“ лоцирана пред меморијалниот центар во Сопот, е отстранета, јави Сител телевизија.
Како што јави телевизијата, вклучувајќи се во живо од Сопот, пред објектот е останат само каменот на кој била закачена мермерната плоча со спорната карта.

Викендов во кумановското село Сопот беше отворен музеј во рамки на меморијалниот комплекс кој е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. На настанот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потоа на Фејсбук објави фотографии од музејот, а под нив напиша:
„Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици и маченици на нацијата!“
Фотографијата со картата на „голема Албанија“ предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Димитар Ковачевски истакнувањето на картата го оцени како задоцнето 145 години. Ако нешто може да ги отслика односите на Балканот пред 145 или пред 200 години, оцени Ковачевски, се такви слични карти што ги има секоја балканска држава.
Ваквите настани, рече Ковачевски, секогаш со право предизвикуваат бура реакции кај граѓаните.
„Сметам дека она што ние денес го имаме како општетство воопшто не ги прави релевантни таквите мапи бидејќи по 2001 година, по влегувањето во НАТО, ние во нашата држава имаме други мапи коишто се релевантни, а тоа е мапата на државите членки на НАТО и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, мапата којашто ние ќе ја имаме и се надевам сите други земји од Западен Балкан – мапата на обединета Европа. Тоа е единственото нешто што треба да го обединува целиот Балкан, а сè друго е 145 години задоцнето“,
изјави премиерот Ковачевски.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информираше дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Според него, објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.
Тој најави дека ќе поднесе пријава до полиција против непознат сторител за нелегално изграден објект.