Казните се изречени по претходни контроли при кои биле утврдени низа нерегуларности во работењето на субјектите
Месарница и познат супермаркет во Скопје добија казни поради пласирање небезбедна храна, односно невршење лабораториски тестирања, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму велат дека за месарницата се изречени глоби од 600 и 300 евра во денарска противвредност, додека пак супермаркетот доби казна од 1 000 евра за правното лица и 400 евра за одговорното лице поради продажба на небезбедна храна, т.е храна без и со нечитливи декларации и невршење задолжителни лабораториски тестирања.
„Истиот оператор дополнително е казнет со иста казна (1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице) бидејќи продавал и производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната без за тоа да има добиено одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство“,
се вели во соопштението.
Во заедничка акција на АХВ со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот трудов инспекторат, во текот на вчерашниот ден, поради продажба на недекларирано месо е казнет и ресторан во Битола.
„Поради продажба на недекларирано месо од различни видови и категории, пласман на неозначена храна и продажба на храна со поминат рок, на ресторан во овој град изречена му е прекршочна санкција и издадено му е решение за отстранување на утврдени недоследности“,
велат од АХВ.