За изјавите на Мицкоски дека амбасадори се мешаат во внатрешните работи на државата, зборувајќи за реформите во судството и во борбата против корупцијата, Агелер рече оти се надева дека не мисли на неа, но посочи дека дури и да го помислил тоа, нејзина задача и одговорност е да работи на стратешките задачи за земјата во која е амбасадор
Европската Унија испрати експерти да проверат како може да се реформира Судскиот совет и другите аспекти на судството. Тие имаат сугестии, направија проверки. Знам дека премиерот Христијан Мицкоски ги разгледува. Овие одлуки не се носат брзо. Тоа се одлуки за кои треба да се размислува внимателно. Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, одговарајќи на прашањето за најавите на премиерот Христијан Мицкоски за можно распуштање на двете највисоки правосудни тела, Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.
„Многу е важно да се земе предвид какви ќе бидат импликациите и разултатите од овие одлуки, а потоа да се продолжи на претпазлив и внимателен начин“,
вели Агелер.
На прашањето дали во скоро време разговарала на оваа тема со Мицкоски, Агелер рече дека изминатиот период престојувала во САД и дека откако пред две-три недели е вратена лично не разговарала со премиерот, но дека редовно е во контакт со него и со министрите.
„Пред месец август имаме разговарано за размислувањата за реформите во Судскиот совет и за други аспекти на судството. Но, како што реков јас, а и поранешниот амбасадор на ЕУ, постои патоказ“,
рече таа.
За изјавите на Мицкоски дека амбасадори се мешаат во внатрешните работи на државата, зборувајќи за реформите во судството и во борбата против корупцијата, Агелер рече оти се надева дека не мисли на неа, но посочи дека дури и да го помислил тоа, нејзина задала и одговорност е да работи на стратешките задачи во земјата во која е амбасадор.
„Моја одговорност и моја задача тука како амбасадор на САД е да работам заедно со владата и другите претставници, бизнисот и граѓаните за да помогнам да се постигнат, не само стратешките цели на САД, туку и вашите цели. Ова е нешто за што постојано зборуваме со владата, но и со оние што се надвор од владата, за тоа како САД може да ви дадат поддршка на вашиот пат кон ЕУ-интеграцијата, кон поголема стабилност, безбедност, економијата. И ќе продолжам да го правам тоа. Никому не му кажувам што треба да прави, јас не сум Македонка, јас ќе гласам на изборите на САД и немам никаква врска со вашите избори. Но, ова се работи што не се важни само за САД, туку ми се важни и мене лично, како некој што се смета за пријател на оваа земја“,
вели Агелер.
За „црната листа“ на САД рече дека е целосно функционална и посочи дека во моментов се разгледуваат голем број случаи, како и дека под проверка се повеќе имиња.
„Како што ќе напредуваат, така ќе добиваме и информации од Вашингтон. По овие случаи се постапува врз основа на закони на САД што не задолжуваат да ги процесуираме. Кога сме свесни за криминал, корупција, нас законот на САД не обврзува да ги процесуираме тие случаи и тогаш се именуваат лица за кои ќе утврдиме дека се виновни за такво нешто. Тоа е многу силен правен процес, кој можам да ве уверам дека е во тек. Но, не можам да бидам сигурна кога ќе биде објавено следното име или имиња, но можам да кажам дека повеќе имиња се под проверка“,
рече американската амбасадорка во земјава.