Адвокатот на Орце Камчев, Антонио Апостолски, попладнево на јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје побара на бизнисменот да му биде вратен пасошот поради деловни патувања во врска со фирмите што ги поседува.
Камчев, пак, не се појави на седницата.
Како гаранција тие нудат имот во вредност од околу 3.200.000 евра. Сумата Камчев ја зголемил со поднесување на жалбата до второстепениот суд откако Основниот кривичен суд одби да му се врати пасошот со гаранција од околу 2.200.000 евра.
Адвокатот на Камчев смета дека сумата е доволна за Апелација да ја уважи жалбата, но ако треба може и да ја зголемата. Од друга страна, пак, од Вишото јавно обвинителство сметаат дека барањето на бизнисменот треба да се одбие како неосновано.
„Се работи за сериозна гаранција. Дополнително, овде се работи за понудена гаранција за враќање на патна исправа, не за притвор“,
рече Апостолски.
Тој потенцираше дека е неоснована причината да не му се врати пасошот поради опасноста од бегство затоа што на Камчев претходно му бил издаван времен пасош со кој тој патувал и секогаш се враќал во земјава.
Покрај опасноста од бегство, во решението од првостепениот суд е наведено и дека гаранцијата не е доволна бидејќи од доказите во „Империја“, каде што е осомничен Камчев, се утврдило дека штетата која е направена е над 14 милиони евра.
Адвокатот, пак, смета дека тоа е паушална процена и нагласи дека досега не е направено вештачење за да се утврди штетата во предметот „Империја“, за кој една година немаат информации до каде е стигнато со истрагата.
Дополнително, Апостолски го оспоруваше решението од Основниот кривичен суд донесено од судијката на претходна постапка Весна Димишкова и по друга основа. Тој рече дека тие барале нејзино изземање кое било одбиено, а потоа поднеле жалба за тоа. Во тој период, кога траел рокот за поднесување жалба за решениот со кое се одбило изземањето, Димишкова ја донела одлуката за невраќање на пасошот.
„Решението таа го донела во фаза кога беше постапка за изземање, односно одлуката таа да не се изземе сè уште не беше правосилна”, рече адвокатот.
Од друга страна, пак, обвинителот посочи дека судија може да постапува додека нема решение дека е изземен.
Одлуката дали Камчев ќе го добие пасошот назад, Апелација ќе ја донесе дополнително.
Зошто Камчев барал изземање на Димишкова
Орце Камчев, покрај за Димишкова, бараше од постапување во „Имприја“ да се изземе и Лиле Стефанова поради наводна поврзаност со случајот „Рекет“.

При неговото сведочење, тој сметаше дека Јанева и Јовановски не се единствените што треба да седат на обвинителна клупа, туку друштво треба да им прават уште неколку луѓе, меѓу кои и обвинителката Лиле Стефанова и адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова. И бизнисменот и неговата сопруга Ана Камчева тврдеа дека Димишков барал пари кога на средба кажал дека има ПИ-мерки против Камчев. Поради тоа што адвокатот ја имал оваа информација, Камчев сметаше дека е вмешана и неговата сестра, судијката Димишкова. Но, двете барања му беа одбиени.