Американскиот специјален обвинител Џек Смит, чија канцеларија го гони Трамп во случајот со федералните избори во 2020 година, минатиот четврток побара од американската окружна судијка Тања Чуткан да го одреди судењето за 2 јануари 2024 година
Адвокатите на Доналд Трамп вчера побараа од федералниот судија во Вашингтон да го одреди судењето на поранешниот претседател за април 2026 година по обвиненијата дека тој наводно се обидел да ја поништи неговата загуба на федералните избори во 2020 година од демократот Џо Бајден.
Бараниот датум на судење ќе биде по американските избори во ноември 2024 година, на кои Трамп е фаворит за републиканската номинација.
„Јавниот интерес лежи во правдата и правичното судење, а не во брзањето со пресудата“,
напишаа вчера адвокатите на Трамп.
Американскиот специјален обвинител Џек Смит, чија канцеларија го гони Трамп во случајот со федералните избори во 2020 година, минатиот четврток побара од американската окружна судијка Тања Чуткан да го одреди судењето за 2 јануари 2024 година.
Тој датум е две недели пред првите гласања на републиканските претседателски прелиминарни избори во 2024 година.
Портпаролот на Смит вчера одби да коментира.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се соочи со четврта кривична пријава откако големата порота во Џорџија го обвини за обид да влијае на изборите во 2020 година, на кои беше поразен од демократот Џо Бајден.
Обвиненијата, поднесени од окружната обвинителка на САД, Фани Вилис, се најнови правни проблеми за Трамп, фаворит во трката за претседателска номинација на Републиканската партија во 2024 година. Обвинителите истакнаа 11 точки од обвинението против Трамп и неговите соработници, вклучително и фалсификување и рекетирање, кои вообичаено се користат против членови на организирани криминални групи.
Тие обвинија 18 други лица, меѓу кои Марк Медоус, поранешен шеф на кабинет на Трамп во Белата куќа, и адвокатите Руди Џулијани и Џон Истман.
Случајот се заснова на телефонскиот повик на Трамп на 2 јануари 2021 година со највисокиот изборен функционер во Џорџија, Бред Рафенспергер, барајќи од него да „најде“ доволно гласови за да го поништи неговиот тесен пораз во државата, што Рафенспергер одби да го направи.