Министерот за образование, Арбер Адеми изјави дека постои предлог во училиштата каде има мал број ученици, наставата да се одвива со физичко присуство, со почитување на мерките за заштита.
Во емисијата „10 минути“ на ТВ 21, тој рече дека главно предлогот е наставата во новата учебна година да се одвива на далечина, односно онлајн, но со два исклочоци.
„Првиот исклучок е, физичко присуство за учениците од прво до трето одделение. Вториот исклучок е во тие училишта каде има мал број на ученици и каде можат да се почитуваат протоколите за физичко присуство и може да се организира наставниот процес, со тоа што да не се загрозува здравјето, таму ќе се организира наставниот процес со физичко растојание“,
изјави Адеми.
Но како и на вчерашната прес-конференција, така и вечерва, Адеми рече дека овој предлог треба да биде одобрен од владата, но сето тоа треба да биде со законски измени, поради што, како што рече, потребно е да има функционално Собрание.
Комисијата за заразни болести на денешната средба со претставниците на Министерството за образование предложи учениците од прво до трето одделение да ја започнат новата учебна година со физичко присуство, а останатите ученици во основното и средно образование да ја следат наставата онлајн.