Од понеделник сите државни и приватни факултети ќе треба да најдат начин како да ја продолжат наставата преку интернет се додека на сила се мерките против коронавирусот, информираше денеска министерот за образование Арбер Адеми.
„Имавме состанок со претставници на државните и приватните универзитети и се согласивме во следните дена да се вложат максимални напори за да се воведе одредена форма на онлајн настава за студентите и да почне да се реализира од следната недела. Дел од факултетите тоа го применуваат и сега, а олеснителна околност е и тоа што станува збор за студенти кои имаат поголеми дигитални вештини за примена на онлајн алатки за разлика од првоодделенците“,
изјави Адеми.
Министерот изрази надеж дека онлајн наставата за студентите ќе почне уште од понеделник и дека ќе ја применуваат сите факултети, со цел како што рече, студентите да не го губат времето.
Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски вели веќе се во во функција неколку форми за онлајн учење, а реорганизирана е и работата на вработените во администрацијата.
„Можам да кажам дека се најде решение со кое што ќе продолжи функционирање пред се на додипломската настава, сега се дискутира и за испитите кои што претстојат за кои се надевам ќе се најде решение“,
изјави Јанкуловски.
Реорганизирање на наставата преку интернет надлежните го оценија како почеток на нова ера во образованието.