Адеми упати покана до сите партии, вклучувајќи ги и Алтернатива и Беса, да му се приклучат на европскиот фронт, без оглед на сите случувања

Во пресрет на денешната собраниска седница на која треба да се гласа за реконструкција на Владата, од ДУИ велат дека за предлогот на премиерот Димитар Ковачевски ќе има повеќе гласови од она што е неопходно.
„Мнозинството ќе брои повеќе од она што е неопходно за усвојување на новиот состав“,
рече на денешната прес-конференција во Собранието, Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција.
На прашањето колку брои мнозинството сега и дали ДУИ е единствена за овој предлог, Адеми рече дека денеска имале координација на пратеничката група и нема дилеми дека го поддржуваат претседателот Ахмети во креирање на европскиот фронт.
Адеми упати покана до сите партии, вклучувајќи ги и Алтернатива и Беса, да му се приклучат на европскиот фронт, без оглед на сите случувања.
„Почнува да се конкретизира идејата и на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и на мнозинството за креирање еден широк европски фронт, така што нашата покана е до сите партии, вклучувајќи ги и Алтернатива и Беса, да му се приклучат на овој фронт, без оглед на последните случувања од минатата недела. Формирањето на овој европски фронт во суштина значи забрзување на сите процеси, реформските процеси во судството, правна држава, поквалитетно и подобро урбанистичко планирање, подобра градска архитектура, силни институции, а пред сè функционално собрание. Сите тие приоритети кои произлегуваат од нашиот однос со ЕУ се приоритети и на мнозинството“,
рече Адеми.