За Брвеница, фингерпринт-апаратите се подготвени со итно решение, односно преку јавна набавка со директно преговарање, без објавување на оглас

Распишувањето на вонредните избори во Брвеница закажани за утре се совпадна со истекот на петгодишниот договор на Државната изборна комисија (ДИК) со „Дермалог“, во кој германската фирма беше обврзана да врши поддршка и одржување на системот за биометриска идентификација на гласачите.
Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, во изјава за магазинското издание на „360 степени“ неделава обелодени дека за гласањето во Брвеница е најдено привремено решение и покрај истечениот договор со „Дермалог“.
„Изборите беа распишани на 7 август за Брвеница, а гаранцијата која ja споменувате истече на 11 август, така што ние бевме во временски теснец и токму поради таа крајна итност, предизвикана од околности коишто не можевме да ги предвидиме и коишто не зависат од нас како договорeн орган и како одговорни за спроведување на изборите, од друга страна поради обврската којашто ја имаме согласно закон да го обезбедиме овој систем и овие уреди, ние ја искористивме онаа можност од Законот за јавни набавки од членот 55 стaв 1.г – за директно преговарање без објавување на оглас, нормално по претходно образложено барање до Бирото за јавни набавки и добиенo одобрение од Бирото за јавни набавки, така што спроведовме јавна набавка по таа постапка бидејќи немаше време за другите постапки и така обезбедивме функционалност и токму само за Брвеница во наредните три месеци додека заврши целиот процес на изборите“,
рече Маричиќ.

Набавката се однесува на функционалност на системот и ажурирање со нови податоци на само неколку од постоечките уреди, за сума од околу двесте илјади евра.
Маричиќ: Минатата недела беа тука присутни германските инженери кои заедно со нашите стручни лица ги опремија апаратите и ги апдејтираа со нови податоци и ги подготвија за изборите во недела.
360 °: Колку апарати се апдејтирани?
Маричиќ: Толку-колку што се потребни за 24 избирачки места.
360°: Има ли ризик некој да го оспори гласањето во Брвеница, со оглед на тоа што е истечен петгодишниот гарантен рок и ова е некое ад-хок решение?
Маричиќ: Нема никаква причина за оспорување, бидејќи под сосема истите услови, техничката спецификација којашто важеше за 60 месеци, за 5 години, под сосема истите услови е потпишан договор да се обезбеди функционалноста за изборите во Брвеница.
360 °: А, вие стоите зад тоа, мислам како Државна изборна комисија?
Маричиќ: Ние склучивме договор со Дермалог за да се обезбеди таа функционалност. Дермалог ни гарантира дека тоа ќе биде така како што било и за претходните изборни циклуси и очекуваме тоа да биде така.
За Брвеница можеби е најдено привремено решение, но останува обврската за подготвеност на целокупната опрема. Затоа, се прави проценка за следната јавна набавка.


Од Државната изборна комисија велат дека тим од независни ИТ-експерти прави анализа и на хардверот и на софтверите, а ќе се формира и работна група за истражување на пазарот. Врз основа на проценките на стручњаците, ќе се пресече во која насока ќе оди следната јавна набавка – дали само на софтвер или на целокупна обнова и на апаратите.
Терминалите за биометриска идентификација премиерно се употребија за локалните избори во 2021, а новитетот земјава ја чинеше 11,2 милиони евра. Гласањето со примена на техничката опрема е обврска предвидена во Изборниот законик.
