Во соопштението испратено до медиумите, го потсетуваат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека првпат по две децении, АД ЕСМ набавила механизација за сопствени потреби токму во последниве три години
АД ЕСМ ги демантира обвинувањата од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски, кој денеска на прес-конфренција ја обвини власта дека продолжува да склучува скандалозни договори, односно дека РЕК „Битола“ склучила договор со фирмата „Марковски компани“ вреден 9,2 милиони евра.
Оттаму попладнево испратија соопштение во кое велат дека ги осудуваат инсинуациите што денеска во јавноста ги пласирал Николоски, изнесувајќи, како што посочуваат, парцијални и паушални податоци во јавноста од документ што е јавно достапен.

Според АД ЕСМ, јавната набавка за услуга од Ангажирање помошна механизација за потребите на рударската оператива во ПЕ Рудници, РЕК „Битола“, булдожер – гасеничар со снага на мотор од мин. 380 kW е рамковна спогодба, односно услугата ќе се користи кога ќе биде неопходно, во обем и со динамика која ќе биде неопходна за производствениот процес во комбинатот.
„Во став 4 од член 3 на Договорот за споменатата јавна набавка, јасно и недвосмислено е наведено дека обемот и времетраењето на услугите ги утврдува исклучиво договорниот орган – соодветните служби од РЕК ‘Битола’, зависно од неговите потреби. Согласно член 4, точка 1 од Договорот, носителот на набавката ќе го врши фактурирањето врз основа на уредно воден градежен дневник и градежна книга/записник за извршени работни саати/количини, потпишани од овластени претставници на двете договорни страни и врз основа на времетраење на ефективен ангажман – работа на машината, регистрирано на дневна основа со извештаи“,
објаснуваат од АД ЕСМ.
Во соопштението испратено до медиумите, го потсетуваат потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека првпат по две децении, АД ЕСМ набавила механизација за сопствени потреби токму во последниве три години.
„Со јавната набавка од 2021 година, за 17,5 милиони евра беа набавени 36 парчиња нова механизација за потребите на РЕК ‘Битола’. Втората јавна набавка на маханизација за потребите на АД ЕСМ беше реализирана во 2022 година, во вредност од над 10 милиони евра. За следната година предвидена е уште една набавка на механизација која ќе биде во сопственост на АД ЕСМ“,
заклучија од АД ЕСМ.
Николоски презентираше договор за кој рече дека во суштина е рамковна спогодба за ангажирање на 10 булдожери гасеничари од „Марковски компани“, кои треба да бидат ангажирани во РЕК „Битола“ во период од 18 месеци 16 253 денари по час.
„Замислете, по неверојатни 16 253 денари по час. Повторувам, 16 253 денари по час или вкупната вредност на оваа рамковна спогодба е 9 милиони и 200 илјади евра кои ’Марковски компани’ треба да ги добие за ангажирање на само 10 булдожери гасеничари во рамките на РЕК ‘Битола’“, рече тој.
Според Николоски, фирмата со овој договор за само еден ден од РЕК „Битола“ ќе наплаќа 6 300 евра, или за сите 10 булдожери ќе наплаќа 63 000 евра.
„Колку нови булдожери може да се купат со договор од 9,2 милиони евра и тие да бидат во сопственост на државата, а не на омилената приватна компанија? Дали можеби можат да се купат 15 или 20 булдожери кои ќе бидат во сопственост на државата, а не во сопственост на ’Марковски компани’? Кој поединец, кој граѓанин заработува по 16 253 денари за работа за само еден час или 6 300 евра дневно? Ова го нема никаде! Кој заработува 6 300 евра дневно или 253 евра по час за сопствената работа, дали има втор случај во Македонија или во регионот или во Европа со вакви цени?“,
праша Николоски.
