Во барањето што ќе го достави до Советот на јавни обвинители Абази вели дека со оглед на тоа што неговата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители и е пред завршување на Академијата, не сака да постои каков било сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето и затоа се откажува од членувањето во Академијата
Јавниот обвинител Ислам Абази кој пред неколку дена беше избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), ќе достави барање до Советот на јавни обвинители за да се повлече предлогот за негово назначување во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Неговата одлука следува откако претходно денеска на седница на Советот на јавни обвинители тој со мнозинство бил предложен за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. На оваа Академија, инаку, неговата сопруга е дел од генерацијата кандидати кои наскоро треба да полагаат завршен испит и потоа и официјално да станат нови судии и обвинители.
„Како што истакнав и во моето првично обраќање до јавноста, мојата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители. Со оглед на тоа што таа е пред завршување на Академијата, не сакам да падне каков било сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето“,
истакнува Абази во барањето што ќе го достави до Советот на јавните обвинители.
Додава оти се откажува од членувањето во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и бара Советот на јавни обвинители да ја измени одлуката.
Обвинителот во неговиот досега единствен јавен настап, потврди дека неговата сопруга ги завршува студиите на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој тогаш рече дека законот забранува брачни другари да работат во исто јавно обвинителство, но посочи оти неговата сопруга има право да конкурира на сите огласи за другите обвинителства во државата.