Министерството за економија апелира граѓаните кои ќе забележат енормно зголемување на цените да пријават во Државниот пазарен инспекторат
Поради зголемениот број на пријави од страна на граѓаните за драстичното зголемување на цените на јужното овошје, Владата на предлог на Министерството за економија на вечерашната седница донесе одлука за замрзнување на цените.
Како што информираат од Министерството за економија донесена е одлука за замрзнување на цените на лимонот, портоколот, мандарината, грејфрутот и клементините.
Целта, велат, е да се надмине злоупотребата на моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите. Одлуката ќе стапи на сила откако ќе биде објавена во Службен весник, а ќе важи до 30 април 2020 година.
„Според податоците добиени од Царинската управа на Северна Македонија за период од 11.03.2020 година до 19.03.2020 година увозната цена на портокалите се движи од 15 денари за килограм до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 денари по килограм до 45 денари по килограм. На ден 19.03.2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достигна и до 180 денари по килограм“,
соопштија од Министерството за економија.
Од Министерството за економија апелираат граѓаните кои ќе забележат енормно зголемување на цените за овие производи да пријават во Државниот пазарен инспекторат.
Казните за оние кои ќе ги прекршат одлуките на Владата се движат до 5 000 евра, како и казна затвор согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.
Замрзнувањето на цените следува откако, по прогласувањето на пандемијата трговците ја зголемија продажната цена на јужното овошје, па цената на лимонот на пример, драстично се зголеми на 180 денари по килограм.