Амбасадорот на Кралството Шпанија на средба со министерот Бесими посочил дека во моментов сериозно се размислува за воспоставување договор за билатерална соработка со што ќе се создадат услови за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји
Шпански компании, кои се едни од водечките во изградба на железничка инфраструктура, се заинтересирани да учествуваат во јавните повици за изградба на железничкото поврзување кон Бугарија – Коридор 8, најавил шпанскиот амбасадор во земјава Емилио Лоренцо Сера на средба со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Амбасадорот на Кралството Шпанија посочил дека во моментов сериозно се размислува за воспоставување договор за билатерална соработка со што ќе се создадат услови за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
На средбата Бесими – Сера, како што соопштуваат од Министерството за финансии, било заклучено дека актуелната здравствено-економска криза, која го зафати целиот свет, наметнува активно следење на ситуацијата и навремени реакции од страна на владите.
„Пандемијата во првата половина од годинава имаше поголемо негативно влијание отколку што се очекуваше, а закрепнувањето се предвидува да биде постепено. Со цел да се ублажи ударот врз економијата и животниот стандард на граѓаните, донесовме сет мерки што обезбедуваат ликвидност за компаниите кои понатаму, кога ќе се подобри ситуацијата, ќе можат да продолжат да работат, да бидат конкурентни и да дадат придонес кон економскиот раст“,
рекол Бесими.
Министерот за финансии му се заблагодарил на амбасадорот за поддршката што Шпанија ѝ ја даде на нашата држава во процесот за полноправно членство во НАТО, како и за поддршката кон отворањето на преговорите со ЕУ.
„Очекуваме Шпанија да продолжи да биде наш стратешки партнер во претстојниот период, што ќе ја поддржува нашата земја до нејзиното целосно членство во ЕУ“,
нагласи Бесими.
Од МФ соопштија дека во соработка со Шпанија успешно е завршен проектот „Понатамошна хармонизација со ЕУ во областа на осигурување и зголемување на пазарните операции“, во кој шпанскиот Надзорен орган за осигурување и пензиски фондови беше партнер од земја членка на ЕУ, како и проектот „Подобрување на услугите на УЈП кон даночните обврзници“ во кој партнер беше Шпанската даночна администрација (Agencia Tributaria).