Десетици жени се приведени на денешните протести во Минск кои се одржуваат против старо-новиот претседател Александар Лукашенко. Денешните протести беа предводени од стотици жени кои извикуваа „Срамота“.
Таканарешениот женски марш беше најавен од опозиција како пробна инаугурација на Светлана Тихановскаја, која беше противкандидат на Лукашенко на претседателските избори во август.
Изборните резултати преку кои Лукашенко убедливо победи не ги признава ниту опозицијата, ниту Европската унија.
Организацијата за заштита на човечки права „Вијасна“ соопшти дека полицијата го блокирала центарот на Минск и уапсила повеќе од 80 демонстрантки, пренесува Асошиејтед прес.
Масовните протести на опозицијата во Белорусија почнаа на 9 август, на денот на претседателските избори.
Но, Лукашенко не сака да замине од претседателската функција, па минатата недела беше и инаугуриран без претходна најава за јавноста.