Во тек се претреси, а досега се приведени 4 лица, додека 10 се осомничени дека учествувале во нападот
Четири лица се приведени, а 10 се осомничени за вчерашниот напад врз петтемина полицајци во Велешко вчера, од кои еден е со сериозни тешки повреди и се наоѓа на скопските клиники.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција рече дека се вршат претреси и се преземаат дополнителни активности за расчистување на случајот, а од Јавното обвинителство очекува брза постапка.
Според Спасовски, ваквите зачестени напади врз полициските службеници се резултат на реакцијата на криминалците на сериозната пресметка со криминалот што се презема.
Рече дека нема да се толерираат вакви напади и секој напад врз полицијата е сериозно кривично дело.
На новинарско инсистирање да каже кои се напаѓачите, Спасовски рече дека се работи за граѓани од ромска националност, но нагласи дека без разлика кој ќе изврши вакво кривично дело ќе одговара.
Полицајците биле удирани со дрва, камења и со сè што им се нашло при рака, при што полицаецот кој е најтешко повреден има фрактури на главата, на лицето и на раката. Тој е контактибилен но во тешка здравствена состојба, рече Спасовски.