Според социјалдемократите, со именувањето на полковник за член на Извршниот комитет, наместо демократизација, Мицкоски спроведува милитаризација на ВМРО-ДПМНЕ за да ја задржи фотелјата во белиот дворец
СДСМ реагира денеска на изборот на полковникот Драган Ковачки за член во новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, откако, кон крајот на минатата година, владејачката партија ја оспори и неговата номинација за технички министер за внатрешни работи, повикувајќи се на членот 97 од Уставот, според кој „со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.
„Со изборот на членови на Извршниот комитет, Христијан Мицкоски ја потврди режимската, криминална матрица на оваа партија, која сѐ уште е раководена и уредувана од Никола Груевски. Наместо демократизација, извршителот Мицкоски спроведува милитаризација на ВМРО-ДПМНЕ, со единствена цел, што подолго да ја задржи својата партиска фотелја во белиот дворец. Внесувањето на Драги Ковачки, полковник на Армијата, за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е неетички и демократски преседан“,
изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, на денешната прес-конференција.
Според Костадинов, ова е обид да се наштети на високиот углед што го има Армијата, како земја членка на НАТО и пријател со демократскиот свет.
„Нема и не смее да има место за политика во Армијата. Припадниците на Армијата се на сите граѓани, треба да ги штитат државата и граѓаните, и во демократски општества нивното место не е во партиите. Како по примерот на некои земји од Латинска Америка, воени лица парадираат во белиот дворец на партиски позиции. Освен во режими од Латинска Америка и Африка, ваквите појави не постојат во ниту една западнодемократска партија“,
вели Костадинов.
Ковачки, пак, во статус на Фејсбук одговара на, како што вели, нарачани текстови во медиумите против неговиот избор за член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мојата професионална определба е сосема неважна. Сите граѓани пред законите се еднакви и сите имаат еднакви права. Гледам дека СДСМ и Министерството за одбрана тоа не го разбираат, а плурализмот, демократијата и еднаквоста пред законите се флоскули за дневна употреба, а не суштина на општественото живеење. Но, има време, ќе се демократизираме, ќе научат“,
пишува Ковачки.
Тој додава дека СДСМ нема право да го напаѓа во име на Министерството за одбрана, кое, како што вели, е на народот.
„За крај, последно прашање до вас: Кој тоа ви дозволи да ми се обраќате и да ме напаѓате во име на Министерството за одбрана?
нагласува Ковачки.
Тоа министерство е на народот, наше е, не е на СДСМ. За споредба, јас во тоа министерство 21 година активно давам и оставам сѐ што имам, а никаде не се повикувам на него, а вие што 4 години го разнебитувате се дрзнувате да ме напаѓате на лична основа. Јас од ова би се срамел, не знам за вас“,

Учеството во Армијата го оневозможи изборот на Ковачки за министер за внатрешни работи во техничката влада, така што наместо него ВМРО-ДПМНЕ подоцна го номинираше за функцијата Наќе Чулев од Агенцијата за разузнавање. Но армискиот чин не беше препрека за ВМРО-ДПМНЕ да го кандидира Ковачки за пратеник во третата изборна единица. Сепак, тој не обезбеди место во новиот парламент. Затоа, пак, во понеделникот беше избран за член на новиот состав на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.