Министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев, кому денеска му завршува мандатот на позицијата, се „прости“ од функцијата и со објава на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Посакувам и апелирам што поскоро да се формира владиното мнозинство, а тоа ќе значи и враќање на институциите во својот полн капацитет. Јас од утре се враќам на моето претходно работно место во Агенцијата за разузнавање од каде ќе продолжам да давам придонес во областа на безбедноста“,
пишува Чулев.
Во објавата тој им се заблагодарува на сите граѓани кои со своето однесување за време на рестриктивните мерки поради епидемијата со ковид-19 дале придонес во работата на полицијата. Потоа, им се заблагодарува и на сите вработени во МВР, особено на тие од неговиот кабинет.
„Воедно, сакам да се заблагодарам на сите вработени во Министерството за внатрешни работи за исклучително високо ниво на исполнителност изминатиот период, а пред се на вработените во мојот кабинет кој со исклучително високо ниво на одговорност, чесност и посветеност, пожртвувано пристапуваа на исполнување на работните задачи и обврските“,
пишува Чулев.
Сепак, ден пред завршувањето на мандатот, Чулев го прифати решението на дисциплинската комисија за неговиот советник Зоран Ѓорѓевски-Чикаш, кој за напад на началник во Тетово на денот на изборите доби само еден ден суспензија и намалување на платата од 15% во следните шест месеци. Дополнителната заменичка министерка Славјанка Петровска ја нарече одлуката „амнестија“, но аргументираше дека и таа е противзаконска.