Додека ги менува партиските функционери, Мицкоски, и покрај барањата за негова оставка, си ја „забетонира“ позицијата на партиското кормило, барем во наредните шест месеци, откако не беше прифатен неговиот предлог за вонреден конгрес, на кој тој не би бил кандидат за лидер
Нови кадровски одлуки се донесени на вчерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, прва по изборот на новиот состав на ова партиско тело.
Од партијата соопштија дека станува збор за „низа кадровски одлуки што се случуваат како дел од катарзата во ВМРО-ДПМНЕ најавена од претседателот проф. д-р Христијан Мицкоски“.
Владимир Нелоски, доскорешен претседател на Унијата на млади сили е именуван за нов претседател на Градскиот комитет – Скопје на ВМРО-ДПМНЕ. Тимчо Муцунски е реизбран за меѓународен секретар на партијата, а истата функција ќе ја извршува и Владимир Ѓорчев, кој претходно не беше кандидиран повторно за пратеник по долгогодишен стаж во парламентот.
Позицијата генерален секретар не е пополнета на оваа седница на ИК, откако Игор Јанушев неочекувано поднесе оставка на функцијата што ја извршуваше од изборот на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ.
Новата пратеничка Иванка Василевска е избрана за координаторка на централните комисии при ВМРО-ДПМНЕ.
Извршниот комитет донесе одлука за избор на Игор Здравковски за претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Велес.
Распишани се и нови огласи за избор на претседатели на 15 општински комитети на партијата.
ИК, на вчерашната седница, изразил загриженост за состојбата во земјава со пандемијата со коронавирусот, за што било констатирано дека е алармантна и дека актуелната Влада потфрлила во секој поглед.
„ИК уште еднаш констатираше дека СДСМ и Зоран Заев вршат неправди, реваншизам и насилство врз сопствениот народ и со тоа ја потврди одлуката за денешниот протестен собир за искажување револт кон актуелната власт. Мафијата на Заев донесе насилство, прогон, криминал и корупција, а граѓаните ги доведе до раб на сиромаштија“,
се наведува во соопштението од седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека кадровските освежувања и доекипирања ќе продолжат и во периодот што следува, со цел „конечно рушење на оваа ненародна и криминална власт“.
Кадровските промени во ВМРО-ДПМНЕ се одвиваат во период кога повеќе поранешни функционери на партијата бараат вонреден конгрес за утврдување одговорност на партискиот лидер Мицкоски за поразот на парламентарните избори, како трет пораз во низата за опозициската партија.
Меѓутоа, на последната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ја „бетонира“ својата позиција на чело на партијата, барем во наредните шест месеци, а откако не беше прифатен неговиот предлог за вонреден конгрес, на кој тој не би бил кандидат за лидер.
Според Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, барање за нов вонреден конгрес не може да се покренува во период од шест месеци, откако ќе биде одбиен предлог во таа насока.
