Во две куќи во Лојане и Ваксинце утрово се пронајдени вкупно 28 мигранти, а приведени се три лица, соопшти МВР.
Еден од претресите бил извршен во домот и помошните простории на 66-годишен жител на Ваксинце и во неговата куќа биле пронајдени 10 мигранти од Бангладеш.
Тој и уште едно 27-годишно момче биле приведени.
„Додека во селото Лојане, при претрес на домот и помошни простории во сопственост на А.А.(48) биле пронајдени вкупно 18 лица мигранти, од кои 16 од Пакистан и две од Авганистан, меѓу кои 4 малолетни лица. Во врска со настанот приведено е лицето З.А.(53) од Лојане“,
изјави Сузана Праниќ-Талевска од прес-службата о МВР.
Во текот на денот тројцата приведени ќе бидат изведени пред суд, а мигрантите ќе бидат префрлени во Прифатниот центар „Винојуг“, Гевгелија.
До Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, пак, против приведените ќе се поднесе кривична пријава поради сомнение за делото криумчарење мигранти.