Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје одлучи дека во случајот „Теретана“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема место за постапување на обвинител. Вештачењето на снимките од фитнес-центарот покажало дека со нив не е манипулирано, а на нив не се гледаат ниту Мицкоски ниту некој од другите посочени лица.
Снимката на која се гледа лидерот на опозициската партија се појави во период кога беше забранета работата на фитнес-центрите, согласно одлуките за заштита од ширењето на вирусот ковид-19. Сега од Обвинителството велат дека снимките што ги прегледале се автентични и на нив не може да се види никој од посочените лица.

„Во исто време, во својство на сведоци беа испитани повеќе лица. Предмет на анализа беше целокупниот материјал што беше обезбеден и доставен од страна на СВР Скопје, а беше одземен од деловниот субјект во критичниот период. Притоа, на прибавените снимки не биле забележани ниту посочените ниту други лица да ги користат услугите на фитнес-центарот спротивно на донесените забрани. Од вештачењето на ДВР-уредите произлезе дека видеозаписите не биле манипулирани, односно беше потврден интегритетот на податоците на доставените уреди“,
велат од ОЈО Скопје.
Дополнително, велат од Обвинителството, ги разгледувале и наводите за присуство на припадник на полицијата, односно Ивица Бисовски, кој беше командир на Единицата за специјални задачи поставен од бившиот технички министер Наќе Чулев. Била прибавена документацијата од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кој спроведувал постапка за овие наводи.
„По проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност“,
соопштија од ОЈО Скопје.
Снимката од фитнес-центарот се појави на социјалните мрежи на 25 април. Мицкоски тогаш тврдеше дека таа е стара најмалку 6 месеци, односно дека не е точно оти бил во фитнес-центар и ги прекршил протоколите. И тогашниот министер Чулев тврдеше дека сознанијата на МВР се оти снимката е од октомври 2019 и не се точни обвинувањата.
Од СДСМ, пак, го обвинуваа дека ги прекршил протоколите, а за периодот кога е направена алудираа дека на неа се гледа дека лицата носат заштитни ракавици и маски, како и облека по кратко ракави што не кореспондира со периодот како што тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
*Поврзани вести:
Се појави нова снимка од Мицкоски во теретана, тој тврди дека е стара најмалку 6 месеци
Чулев: Снимката со Мицкоски во теретана е од октомври 2019 г.