Во кое својство командирот на единицата Тигар го придружува Христијан Мицкоски во фитнес-центар, прашува СДСМ за снимката која вчера се појави на социјалните мрежи, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека е стара најмалку шест месеци.
Социјалдемократите реагираат и за ова тврдење на опозицискиот лидер.
„Неодговорното и несериозно однесување на Христијан Мицкоски за време на сериозна здравствена криза предизвикана од коронавирусот е одамна потврдено и тоа не е нешто ново. Заштитните ракавици и маски кои се гледаат на снимката, како и облеката по кратки ракави, води кон заклучок дека времето не е така одамна“,
пишува во соопштението на СДСМ.
Од владејачката партија го прозиваат и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Објавената снимка, велат од СДСМ, отвора сериозни дилеми за улогата на кадрите на Чулев.
„Дали заедно со Мицкоски во финтес-центарот е и Ивица Бисовски, командирот на Единицата за специјални задачи Тигар, поставен од техничкиот министер Наќе Чулев? Во кое својство Бисовски го придружува Мицкоски во фитнес-центар? Граѓаните очекуваат одговори зошто во време кога сите капацитети на полицијата треба да бидат ставени на располагање на граѓаните, кадрите на Чулев се во функција на Христијан Мицкоски“,
реагираат од СДСМ.
@MickoskiHM денеска пак у теретана со бодигарди!
— рецепционерот Талат (@TalatOdPrespav) April 25, 2020
Синоќа плачеше, загрижен за зеравјето на граѓаните, загрижен од коронавирусот и ете го наредниот ден пак ги прекршува мерките оди во теретана која отвара само за него! наќе уште спиеш или ќе почнеш са работиш?! pic.twitter.com/GRpA6nHcn4
Мицкоски, пак, вчера тврдејќи дека станува збор за снимка од пред најмалку половина година, ги обвини социјалдемократите дека креираат лаги и плаќаат „пиарџии“ за ширење вакви информации со државни пари.
„Не е толку срамно што објавуваат без да прашаат, туку е срамно што лажат континуирано и бесрамно. И нема ниту една лага да не им се распрсне и дознае. Веќе е совршено јасно дека зад ваквите лаги стојат повеќе квази пиарџии платени со државни пари, и еден центар на моќ сместен на Бихаќка. Дечки повторно грешка, снимката е стара најмалку половина година, туку сега што правиме со тендерите во Дрисла, со новата блокада на патот кон ЕУ, со пљачката која ја правите со новата акциза, со економската криза и нарушеното здравје на граѓаните. Незрелото однесување на СДСМ значи ново пробиено дно. Сосема на крај, сепак има разлика. Да, јас спортувам, а вие крадете. Да, јас планинарам, а вие ја срамите и распродавате Македонија и да, ќе продолжам да вежбам кога ќе се создадат услови, а вие сепак на крајот од денот ќе останете ситни луѓе и јас ве жалам!“,
напиша Мицкоски во неговиот коментар за објавената снимка.
Ова е втор пат како во време на забрана за работа на теретаните во време на епидемија, се појавува снимка од Мицкоски од теретата. На претходната, објавена на почетокот на месецов, се гледаше како тој излегува од теретана.
Тогаш и Мицкоски и сопственикот на теретаната рекоа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бил таму не за да вежба, туку за да си ја земе опремата и да се посоветува за исхраната.