Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште неколку пратеници од минатиот парламентарен состав денеска треба да сведочат во Основниот кривичен суд во Скопје во предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“.
Тие се предложени од обвинетиот поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и се последната група сведоци од неговата листа.
Рочиштето е закажано во 10 часот, но во истиот период, според агендата на официјалната страница на Собранието, предвидени се и средби на Џафери: во 10 часот со унгарскиот амбасадор Лазло Инстван, а во 11:30 со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај. Доколку евентуално е променета агендата, тој би можел да се појави во судницата или, пак, да дојде да сведочи подоцна во текот на рочиштето.
Покрај претседателот на Собранието, денеска е предвидено да сведочат и уште неколку пратеници од минатиот состав, меѓу кои: Бранко Манојловски, Борис Змејковски, Драган Цуклев, Павлинче Честојнова, Нада Ципушева и Зоран Ѓорѓиевски.
Сите се предложени од одбраната на Вељаноски.
Ова ќе биде трета група пратеници што треба да сведочат. Досега на претходните две како сведоци се појавија вкупно 16 кои беа во претходниот собраниски состав. Прво сведочеа: Никола Мицевски, Трајчо Димков, Драган Данев, Крсто Јовановски, Панчо Минов, Благица Ласоска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов, Иван Стоилковиќ. А потоа и: Илија Димовски, Зоран Илиоски, Лилјана Кузмановска, Благој Деспотовски, Слаѓана Митовска, Весна Пемова и Весна Дамчевка Илиевска.
Покрај Вељаноски, на обвинителна клупа во овој предмет седат и: ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Според обвинението, по неуспешните преговори за формирање влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016, тие изготвиле план со намера да ги загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата и да спречат примопредавање на власта.
Во истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција осомничени беа експремиерот Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за македонските органи, со оглед на тоа што едниот е избега во Унгарија, а другиот во Грција.
*Поврзани вести:
Сопартијците го бранеа Вељаноски за претседавањето со собраниската седница на 27 април
