Одлуката за промена на режимот на движење за граѓаните треба да биде донесена на следната онлајн-средба меѓу здравствените власти на земјите од Западен Балкан, Бугарија и Грција
Следната недела се очекува одлука за отворање на границите меѓу земјите во регионот, како што најави министерот за здравство Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат.
Одлуката за промена на режимот на движење за граѓаните од регионот, кој беше воспоставен од почетокот на епидемијата со ковид-19, треба да биде донесена на следната онлајн-средба меѓу здравствените власти на земјите од Западен Балкан, Бугарија и Грција.
Филипче рече дека епидемиолошката состојба е слична во целиот регион, па властите во земјите најавија координативен совет за заедничко дејствување во донесувањето одлуки за борба против пандемијата. Но, претходно треба да се укине условот за ПЦР-тест за да се премине границата.
