Европската комисија смета дека ветингот е последната опција по која би требало да се посегне во судството, иако доколку се обезбеди политички консензус, одлуката ќе ја донесе самата земјата.
Овој став денеска го пренесе евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање, по, како што ја нарече,„работната посета и куртоазна средба“ со претседателот на Уставниот суд.
„Нашата позиција за ветингот е јасна. Мислам дека повеќе сакаме да ги користиме сите други елементи за подобрување на состојбите во судството, односно тоа да ги искористи внатрешните механизми. Ние ќе дадеме поддршка. Следната година имаме проект за мониторинг на случаите од висока корупција и се надевам дека ова ќе го подобри функционирањето на судството. Ветингот секогаш е последната опција и за тоа треба предуслови, како што е политички консензус. Не гледаме причина за тоа. Сепак, одлуката е на самата земја, а ова е наш став“, рече амбасадорот Жбогар, кој одговараше на прашањето, дали ЕК ќе го прифати повикот кој вчера од партиската трибина го упати премиерот Зоран Заев, да се приклучи кон ветингот во судството преку активирање на инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил.