Дали е точно дека се изгорени документи и извештаи кои укажувале на злоупотреба на пари од проекти од европските фондови, прашува опозицијата
Пожарот што избувна вчера во просториите на Државниот инспекторат за животна средина, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ е крајно сомнителен, особено поради тоа што изгоре архивата на институцијата.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната седница пред опожарениот објект праша што содржеле документите што изгореа.
Колкава е и каква е штетата на изгорените документи и изгорениот материјал во овој инспекторат? Каков тип документи изгореа вчера во пожарот? Зошто сѐ уште молчат и од институциите, и од Владата, и од Државниот инспекторат за животна средина за овој пожар кој се случи вчера? Зошто сѐ уште не е излезен официјален записник во медиумите со целокупната причинета штета, со целокупниот листинг на документи што се изгорени… се дел од прашањата што ги постави Арсовски.
„Еве, јавно прашуваме, дали е точно дека се изгорени документи и извештаи кои укажувале на злоупотреба на пари од проекти од европските фондови кои биле складирани токму тука во државниот инспекторат за животна средина, наменети за оваа институција“,
рече Арсовски.
Тој потсети дека пред неколку години имаше пожар и во Министерството за правда.
„Се случи пожар во Министерството за правда, и еве, сега се случува и пожар во овој Државен инспекторат за животна средина. Ниту еден случај што се случил во минатото во оваа влада на СДСМ не е доведен до самиот крај, да се најде вистинскиот виновник за овие пожари. Секогаш кога СДСМ е на власт, гори документација која што укажува на криминал.“,
рече Арсовски.
