Додека Европа се подготвува за редовниот декаден циклус на попис на населението следната година, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се двете европски држави кои се уште го немаат утврдено ниту датумот за попис, објавува „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ) во авторски текст на Кристијан Фидановски и Валентино Грбавац, потсетувајќи дека последниот попис во земјава е спроведен во 2002 година.
Авторите посочуваат дека од 2010 само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија додавајќи дека попишувањето на населението во земјава беше запрено во 2011 година „делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура“.
„Според македонскиот Устав, јазичните права и соодветната застапеност се загарантирани за етничките заедници кои надминуваат 20 проценти од населението. Во 2002 година етничките Албанци сочинуваа околу 25 отсто од двата милиони македонски граѓани. Се стравува дека следните резултати од пописот би можеле да ја отворат опасната Пандорина кутија, што претставува постојана пречка за одржување фер и точен попис на населението“,
оценуваат авторите на анализата.
ЕВБ посочува дека од демографски аспект, Северна Македонија е школски пример за спротивставени детерминанти за составот на населението – етничките Албанци имаат поголем наталитет отколку етничките Македонци, но тие од друга страна многу повеќе емигрираат, па затоа е тешко да се процени кој фактор е поголем – прирастот или емиграцијата.
Според порталот, дури и ако проценките се приближно точни, дека во последните две децении земјава ја напуштиле дури 600 000 лица, тогаш ќе се покаже дека емиграцијата веќе подолго период е појава карактеристична за сите етникуми, а не само за Албанците.
„Бројот на смртни случаи во Северна Македонија на национално ниво во 2019 година го надмина бројот на новородените, што е прв таков случај од независноста (и веројатно во историјата) на земјата. Оваа пресвртница најмногу се должи на драматичниот пад на бројот на новородени во речиси сите општини каде Албанците се мнозинство, имајќи предвид дека наталитетот меѓу Македонците во голема мера го задржа своето претходно (ниско) ниво“,
додава ЕВБ.
Според авторите на анализата, со ваквите етнодемографски трендови остануваат крајно тешко да се предвиди етничкиот состав на населението во земјата, која нема спроведено попис во последните 20 години.
Две решенија
Тие проценуваат дека се можни две решенија за „загатката со пописот“ во земјава.
„Првото и веројатно оптимално, но сепак помалку веројатно решение, е пописот да се одржи што е можно поскоро, без никакви политички интервенции и со силен надзор на меѓународната заедница. Дури и ако бројот на етничките Албанци се покаже помал од 20 проценти, краткорочните последици по правата на албанската заедница ќе бидат занемарливи. Како и другите многу помали малцинства, како што се Турците, и Албанците би го задржале правото на основно, средно, па дури и високо образование на нивниот мајчин јазик. Квотите за јавна администрација ќе бидат укинати, но етничката рамнотежа меѓу вработените веројатно нема да се промени бидејќи меѓународната заедница не би толерирала масовни отпуштања на вработени Албанци, ако има обиди за нешто такво“,
се наведува во текстот.
Второто и, според авторите на анализата, сѐ поизвесно решение, би било од пописот целосно да се изостави прашањето за изјаснување по етничка припадност.
Според ЕВБ, изоставувањето на прашањето за етничката припадност не е невообичаено во пописите во светот, но тоа „би го овековечило пописот од 2002 година како траен показател за етничкиот состав на земјата“.
„На прв поглед, се ова ќе се задржи политичкиот статус кво и ќе бидат избегнати тензии во општеството на краток рок. Сепак, тоа исто така ќе го засили популарното тврдење во антиалбанските кругови дека Албанците никогаш не биле над 20 проценти. Така одењето на линија на помал отпор и изоставувањето на прашањето за етничката припадност може да го поткопа кревкиот етнички соживот“,
се додава во анализата.
Сепак, на крајот од анализата се заклучува дека треба да се престане да се манипулира со односите по етничка припадност и да се започне со пребројување на граѓаните, додека сѐ уште ги има за броење.
Пописот на населението, кој требаше да се одржи во април годинава, беше одложен поради предвремените парламентарни избори. Најавите се дека пописот ќе се реализира во април 2021 година.
Пред одложувањето на пописот, парламентарните партии со месеци не можеа да постигна договор за законот според кој би се извела статистичката операција.
Последниот попис во земјава се реализира во 2002 година, по воениот конфликт. Во 2011 година имаше обид за спроведување попис, ама попишувањето беше прекинато со одлука на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. За овој случај СЈО отвори и предмет, со кој беа опфатени лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.