Биљал Касами, еден од двајцата копретседатели на тазе обединетата партија Влен, која речиси две години е дел од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, уверува дека оваа постава на власт бара и сака решение на ситуацијата со Бугарија
„Да се надеваме дека конечно во Софија ќе има стабилна политичка влада со која ќе може да седнеме и да најдеме конечно решение“, вели Билал Касами во интервјуто за 360° на МРТ 1

360°: Премиерот како да најави, па потоа исклучи избори оваа година, но не и за наредната. Кој е ставот на Влен на оваа тема?
Биљал Касами: Ние сме кажале дека, иако како Влен, особено сега кога веќе стануваме една партија, сме меѓу најподготвените партии утре да има избори, на државата и на граѓаните не и им требаат брзи избори. И на првичната изјава на премиерот, која беше, нели, извадена од контекст, имавме реакции од различни политички чинители. Кажавме јасно и тогаш дека можеби по првпат Македонија треба да оди на редовни избори кои се во 2028 година. И пак стоиме на тој став дека ако гледаме наш личен партиски интерес, ние сме подготвени и утре да има избори затоа што ќе се потврдат резултатите од последните парламентарни избори и од последните локални избори на кои добивме 10 од 16-17 општини предводени од градоначалници Албанци. Значи, гледајќи од наш личен интерес, како и партиски, политички цениме дека сме подготвени кога и да се изборите и сигурно дека поддршката на граѓаните ќе биде на наша страна. Но, гледајќи го интересот на граѓаните – кога треба да работиме, да реализираме проекти, да го подобриме животот на граѓаните, во ситуација кога се реализираат сериозни инфраструктурни проекти, кога сме во фаза на имплементација на проектите поддржани од владата во рамките на општините каде што само во општина Тетово тековно се градат три училишта, два базени, веќе цел град, да не кажам, е асфалтиран, сериозна канализација, водоводни нели отпадни води, атмосферски… Значи, се гради по цел град. Во оваа ситуација кога би оделе на избори, сигурно би значело дека оваа инвестициска офанзива ќе се намали.
360°: Темата за блокираниот процес кон Европската Унија ја допревме неколку пати во текот на разговорот. Кога рековте – тука сме да олесниме во комуникацијата со Софија, на што конкретно мислевте? Да речеме, во минатото го гледавме Ахмети, знаеше да оди и во Софија, а одеше и во Атина.
Биљал Касами: Имајќи предвид дека тоа е чувствително прашање, ние сме, нели, дел од овие процеси од почеток, дека сепак треба некој кој може да биде како мост во случајот со барањето на Бугарија за внес на Бугарите во Уставот каде што и Албанците имаат такви етнички барања, прашања, па го имаме тоа искуство како тоа да биде решено, но да не биде на линија на конфликт поставено прашањето. И во исто време, сè додека сме дел од владата, дел од оваа држава, ние ги поддржуваме нашите сограѓани Македонци во делот на зачувување на нивниот идентитет.
360°: Стравот на ВМРО-ДПМНЕ е дека уставните измени не се последната таква пречка, билатерална, и дека се само влез во еден процес во кој ќе се отвораат слични такви теми.
Биљал Касами: Па токму во овој правец, значи ние сакаме да ја вратиме таа комуникација меѓу Софија и Скопје во делот на тоа ова прашање да биде последно пред полноправно зачленување на Македонија во Европската Унија.
360°: Кога ги анализирате изјавите, поставеноста на поголемиот партнер во владата кон оваа тема, препознавате ли јасна нивна желба, волја ова да мрдне напред?
Биљал Касами: Значи тоа не е од сега. Значи, од почеток. Значи и пред избори и по избори, јасен е ставот на оваа влада дека и премиерот и владата се посветени да го решат тој проблем.
360°: Но две години поминаа, нема ништо.
Биљал Касами: Па добро, ама знаеме што се случи во Софија. Не можеме да го решиме проблемот па да чекаме да дојде влада во Софија и да ни каже – извинете, ама тоа не било проблем.
360°: Вашите гласачи ве прашуваат ли што правиме со ЕУ?
Биљал Касами: Па сигурно. Значи, не само нашите гласачи, сите граѓани. Тоа им кажуваме, дека тоа не е еднострано… Тој проблем не бара еднострано решение. Значи, еве ние ќе го решевме… Ќе го решевме тоа прашање на почетокот, сега имаме нова влада во Бугарија и ќе дојде премиерот и ќе рече – извини, ама не било тоа наше барање, не било тоа наш проблем, ние сакаме сега ова, ова, ова… Значи, ние не сакаме да дојдеме во позиција некој во Бугарија да дојде на власт… Зашто знаеме овие две години, на секои три до четири месеци годишно има по два-три предвремени избори. Така што, да се надеваме дека конечно во Софија ќе има стабилна политичка влада со која ќе можеме да седнеме и да најдеме конечно решение.
