За случајот со АД МЕПСО во кој, според првичната одлука на одборот за решавање спорови, државниот електропреносен оператор треба да му плати 6 милиони евра на босанскиот изведувач „Енергоинвест“, поради едностраното раскинување на договорот за изградба на далноводот до Албанија, Касами вели дека ќе треба да се почека најавената арбитража

„Каде што има вина, мора да има и казна“. За овој дел од говорот на основачкиот конгрес во саботата, копретседателот на Влен, Биљал Касами, вели дека не е само декларативен, туку дека веќе се покажал на дело. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Касами кажа дека принципот важи за секого, одговарајќи на новинарските прашања за дел од јавно експонираните коруптивни случаи.
360°: Но, еве, на пример, има многу кредибилни информации за многу проблематични легализации на дивоградби во општина Чаир. Кадри на Влен ја водат општината. Овој принцип важи ли и за нив?
Биљал Касами: Ама важи за секого. Ние сме покажале… значи ние за да гледаме на пристапот, мора да направиме компарација. Дали за време на 20 години владеење на ДУИ имаше некој функционер од ДУИ кој излезе пред лицето на правдата?
360°: Само еден државен секретар...
Биљал Касами: Требаше да падне ДУИ за да произлезе нивната корупција. За време на нашето владеење има примери каде што наши директори, наши функционери се гонети.
За случајот со АД МЕПСО во кој државниот електропреносен оператор треба да плати 6 милиони евра на босанскиот изведувач „Енергоинвест“, поради едностраното раскинување на договорот за изградба на далноводот до Албанија, Касами вели дека ќе треба да се почека најавената арбитража.
360°: Во тек ли сте со случајот со МЕПСО што ДУИ сега јавно го експонира за раскинатиот договор од новото раководство – станува збор за кадар на Влен. Договорот бил со една босанска компанија којашто требало да го гради далноводот кон Албанија. Раскинат е тој договор и по првичната одлука на одборот за спорови, МЕПСО треба да плати 6 милиони евра, иако тоа е само првична одлука, веројатно ќе има арбитража.
Биљал Касами: Да. Значи сигурно дека сме во тек. Бев информиран од директорот дека се работи за проект кој, како што и вие рековте, требало да се изгради досега, не е изграден. Значи, од операторот во случајот не се преземени обврските, реализирани обврските согласно договорот и согласно истиот договор претпријатието донело одлука да се раскине договорот.
360°: Е, сега, индикативно е тоа што овој одбор за спорови вели дека босанската фирма е во право, а не МЕПСО и дека државата треба да плати 6 милиони евра отштета.
Биљал Касами: Добро, ама треба да се разгледа посериозно, да се анализира таа процедура, кои се тие, како се им нели, по кои, да кажам, основи се донесени таквите одлуки. Сепак, има арбитража која ќе одлучи кој е во право, но едно можам да гарантирам дека во ниту еден момент државата нема да плати никакви пенали затоа што сè било по договор и по закон.
Инаку, од 9 мај, петте партии на коалицијата ВЛЕН се обединија во еден политички субјект кој го задржа името. За копретседатели на Влен се избрани Изет Меџити и Биљал Касами, а за секретар – Беким Сали.
