Словенецот Самуел Жбогар деновиве ја заокружува амбасадорската мисија во земјава во името на ЕУ. Вели, заминувам од држава која е поразлична од онаа во која дојдов во 2016, во позитивна смисла. Сепак, евроамбасадорот повторува дека не е доволно само да се сака да се стане дел од ЕУ, туку дека треба вистински да се сработи за да се постигне тоа. Интервјуто со Жбогар го водеше Владимир Мирчевски.
Амбасадоре, дали е реалистично да се очекува дека првата меѓувладина конференција ЕУ – Северна Македонија, која де факто ќе значи почеток на пристапните преговори, би можела да се одржи до декември годинава?
За да се одржи оваа меѓувладина конференција треба да имаме заедничка преговарачка позиција на ЕУ. За ова прашање подолг период се преговара, оваа недела земјите членки ја рестартираат дискусијата врз основа на предлог-рамката што ја изготви Европската комисија. Штом се усогласи заедничката позиција, меѓувладината конференција ќе биде закажана. Слушнав дека германското претседателство со ЕУ е решено оваа конференција да се одржи до крајот на годинава, во текот на претседавањето на Германија. Така што, директоно да одговорам на прашањето – се надевам и сметам дека можеме реалистично да очекуваме меѓувладината конференција да се одржи пред крајот на годинава.
Која е вашата позиција во однос на барањата на Бугарија за дефинирање на Преговарачката рамка за Северна Македонија?
Како што реков, Преговарачката рамка се разгледува меѓу земјите членки, ова е внатрешна дебата и не би било соодветно јас да коментирам за позициите на која било земја членка во однос на оваа затворена дискусија што се води. Она што за мене е важно се заедничките позиции кои се резултат на овие дискусии. Заедничката позиција што засега ја имаме е онаа од март при што сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија, беа „за“ отворање преговори со Северна Македонија. Ова е она што сега се случува и не би требало да одам понатаму од тоа.
Да бевте во позиција на премиер на Северна Македонија на што ќе ја фокусиравте вашата енергија и напори во наредните месеци и години, со цел да обезбедите што е можно побрза интеграција на земјата во ЕУ?
За ваша и за моја среќа, јас не сум во таква позиција. Мислам дека вашите политичари знаат најдобро што треба да се направи. Европската интеграција не е процес што е изолиран или што опстојува сам за себе. Се што сакаме да направиме, се што очекуваме е „сопствената куќа да си ја доведете во ред“. Тоа значи дека ќе обезбедите подобар живот за граѓаните, дека младите нема да бидат принудени да ја напуштаат земјата, дека се почитува владеењето на правото, дека се заштитува животната средина, дека се заштитуваат правата на граѓаните од ранливите категории… Сето тоа е европска интеграција, исто како што очекуваат и вашите граѓани. Европската интеграција е само дополнителен мотор што и помага на земјата сите овие работи побрзо да ги заврши. Како правило, мислам, процесот оди побрзо ако имате единство во земјата, ако сите туркаат во иста насока. Оттука, многу е важно сите партии застапени во парламентот да ја поддржат европската интеграција и ќе биде значајно да се создаде некакво единство за оваа стратешка цел – зачленување во ЕУ. Мислам дека владата треба да се фокусира на тоа. Една работа е да се има желба да се влезе во ЕУ, а друго е тоа да го направите цел и да бидете решени да ја остварите целта. Ако само посакувате и чекате, тогаш тоа може да се случи, но може и да не се случи. Затоа треба да бидете решени, посветени, треба да ги ангажирате сите сили, сиот талент што го имате во земјата и тогаш, според мене, шансите за успех се поголеми. Мислам дека обединети сте посилни и побрзо ќе се движите.
Гледате ли некои итни приоритети во овој момент?
Владеењето на правото е секогаш итен приоритет. Во сите преговори за членство владеењето на правото е најзначајниот елемент. Немаме некои посебни приоритети во однос на приоритетите на вашите граѓани и би очекувал дека за граѓаните владеењето на правото, чувството за владеење на право е приоритет, чувството на еднаквост, дека сите се еднакви пред законот, најверојатно, е приоритет.
Имајќи ја предвид политичката ситуација во земјата – ново-старо мнозинство, ново-стара влада, очекувате ли дека Северна Македонија ќе може да ги стигне Црна Гора и Србија кои се понапред во ЕУ-интеграциите?
Мислам дека процесот може да се движи многу брзо, верувам дека може брзо да се движите. Тоа зависи од вас и од нас. Од наша страна, она што треба е внатрешна дебата за иднината на ЕУ која ќе почне за време на германското претседателство и ќе трае година и половина до француското претседателство во првата половина од 2022 година. Во тој период ќе се осврнеме на Европа 2.0, на иднината на ЕУ, имајќи ги на ум различните визии за Европа. Тоа е важно, зашто прво треба ние дома да си ги средиме работите пред да примиме, така да речам, „нови станари“. Од ваша страна ќе зависи колку сте посветени и решени, колку вашиот тим ќе биде подготвен за преговори, колку ќе биде желен да спроведе се што ќе треба да се направи. Преговорите, како што знаете, не се толку преговори колку што се исполнување на условите од страна на земјата што преговара, за да се прилагоди на ЕУ – ЕУ-закони, ЕУ-директиви, ЕУ-вредности итн… Од ваша страна ќе зависи колку ќе бидете желни, колку ќе бидете подготвени да ја исполните целта, а не само да посакувате тоа да се случи.
Вашата мисија како амбасадор овде завршува за една седмица. Ако треба да ги издвоите најохрабрувачките и најразочарувачките работи на кои сте сведочеле во изминатите 4 години, кои би биле тие?
За среќа, има повеќе охрабрувачки отколку работи што разочараа. Најразочарувачкото се однесува на владеењето на правото, поточно на специјалната обвинителка Јанева и нејзината вмешаност во случајот „Рекет“. Мислам дека ова беше за нас, за мене лично, најголемо разочарување, своевиден шок и заедно со многу граѓани се почувствував предаден од личноста на која и дадовме доверба. Но, владеењето на правото не е само за… Разочараноста во делот на владеењето на правото не се однесува само на разочарувањето од специјалната обвинителка. Разочарувањето оди понатаму – како граѓаните овде го перцепираат владеењето на правото. Владеењето на правото не се само судовите, владеење на правото е да не пушите во ресторани ако тоа не е дозволено, владеење на право е да не паркирате на улица каде сакате… Тоа е разочарувачки за мене, кога ќе видам автомобили паркирани на велосипедски патеки, тоа е владеење на право и затоа би рекол дека тоа е најголемото разочарување. Разбирањето за тоа што е владеење на право, менталитетот… Најохрабрувачката, најпозитивната работа се однесува на младите во вашата земја. Се сретнав, поточно зборував со неколку млади луѓе и енергијата, активизмот, општествената одговорност, нивната реална перцепција на проблемите, нивната вклученост, сево тоа беше еден вид просветлување за мене. Затоа бев многу среќен кога видов како средношколците и нивните организации демонстрираат зашто сакаат да се вратат во училиштата. Не велам дали се во право или не, но бев среќен што видов дека се мобилизирани, дека постои активизам и дека сакаат да го кренат гласот за општеството да ги слушне. Мислам дека ова е многу охрабрувачки и здраво за општеството, кога имате такви млади луѓе.
Амбасадоре, ви благодарам за ова интервју за „360 степени“ и ви посакувам среќа и успех во вашите идни потфати.
Ви благодарам, убаво си поминав овде. Морам да ви кажам дека напуштам многу поинаква земја од онаа во која дојдов и затоа сум оптимист за блиската иднина за која зборувавме, но и за подалечната. Ви благодарам.