Паралелно со ова, Мицкоски најави и борба против власта преку институциите, односно во парламентот, исклучувајќи, како што рече, „бугарско сценарио“, притоа алудирајќи на нередите и насилните протести во Бугарија против актуелната власт
ВМРО-ДПМНЕ в среда со почеток во 18 часот ќе одржи граѓански протест против зголемувањето на цената на струјата, најави денеска лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на прес-конференција.
„Отпорот станува наша должност и ова е време кога треба да се биде гласен. Протестот ќе започне во 18 часот пред Министерството за правда и ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и ќе бараме да се врат цената на струјата по старо“,
рече Мицкоски.
Тој ги повика опозициските партии и невладините организации и поединци на формирање опозициски фронт против власта, која во обраќањето ја нарекуваше мафија која се богати преку грбот на народот.
„Можеби имаме различни гледишта и концепти, но нѐ обединува сиромаштијата. Со активен отпор на улица и да протестираме за секоја тема што ги мачи граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада, богати мафијаши, а сиромашен народ. Мафијата не се урива со една битка, туку со многу битки и труд. Ова е почеток на нивниот крај. Ние оттука тргнуваме“,
рече Мицкоски.
На новинарско прашање, какви се нивните планови за следните протести, Мицкоски одговори дека во зависност од однесувањето на Владата, така и тие ќе се однесуваат. Најави дека ова ќе бидат мирни протести, со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот за, како што рече, неправдите што се нанесени, било да се национални или социјални.
Паралелно со ова, Мицкоски најави и борба против власта преку институциите, односно во парламентот, исклучувајќи, како што рече, „бугарско сценарио“, притоа алудирајќи на нередите и насилните протести во Бугарија против актуелната власт.