На деновите со високи температури веќе им се ближи крајот. Освен што тоа е предвесник на смена на годишното времиња од лето во есен, метереолошката промена ќе ги натера луѓето да поминуваат се повеќе време внатре отколку надвор. А тоа не е незначителна промена во однесувањето на човекот, во годината на пандемија на ковид-19.
Министерот за здравство, Венко Филипче, за „360 степени“ вели дека очекуваното „затворање“ на граѓаните ќе го зголеми ризикот од ширење на болеста, доколку не се почитуваат мерките за претпазливост.

„Поголема бројка на луѓе ќе бидат сконцентрирани во затворени простории. Еве на пример, нема да може да се чека ниту ред надвор пред влезовите во затворени простории. Ако ништо друго, ќе биде потешко. Еве сега од септември се враќаат луѓето од одмори, патувања и почнуваат да работат во затворени канцеларии. Почнуваат и со работа градинките. Веќе доволно ризик фактори за да се влоши пандемијата со ковид. И уште неколку други фактори кои ќе дојдат подоцна наесен, настинките и сезонскиот грип и ќе се зголеми бројот на пациенти кои што се лекуваат во истите болници. Што значи, влошување на пандемијата со ковид-19 заради сите овие ризик фактори, меѓутоа и генерално поголем број на ризик фактори кои може негативно да влијаат и во болничките капацитети“,
вели Филипче.
Кревети по болниците има, вели Филипче, но тие не мора да бидат исполнети ако свеста на граѓаните е на високо ниво. Се додека има голем број на такви кои не се грижат ниту за себе ниту за најблиските, единствено решение е вакцина за која ќе мора да се почека барем уште неколку месеци.
„Ние аплициравме преку два механизми за вакцината. Едниот систем е преку механизмот на СЗО за еднаква прераспределба на вакцините во сите земји кои ќе аплицираат за вакцинирање на 20 отсто од населението, секако тука ризичните групи имаат предност. И понудата од Полска, преку полската амбасада кај нас, да купиме една количина од нивната количина која земјите од ЕУ планираат да ја добијат преку директен договор со произведувачот на таа т.н оксфордска вакцина. Станува збор за 400 милиони дози, не се знае како ќе биде распределбата, но ние интензивно ги одржуваме контактите и со Полска и со СЗО и мислам дека одржуваме добра динамика на комуникација и ќе бидеме земја која, тогаш кога ќе стигне вакцината, ќе имаме навремен пристап до истата“.
Повеќе околу очекувања за текот на епидемијата во земјава на првиот човек на Министерството за здравство, Венко Филипче, гледајте во емисијата „360 Степени“ в понеделник (7 септември 2020 г.) на ТВ Алсат во 22:00 часот.