Пожар зафати автобус во движење и целосно го пеплоса. За среќа, во него немало патници, а возачот навремено го напуштил возилото.
Автобусот е во сопственост на штипската компанија „Кит го“, а пожарот настанал додека се движел на патот Штип-Миладиновци кај светиниколското село Крушице.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски, за МИА вели дека во автобусот немало патници, возачот на автобусот бил сам во него кога почнал пожарот, тој се обидел да го изгасне со противпожарен апарат, но огнените јазици биле силни и целосно го зафатиле возилото.
„Светиниколските пожарникари се на терен, од пожарот на автобусот зафатена е и нискостеблеста шума. Пожарот се случи пред половина час и веднаш е реагирано. Среќа е што во него немало патници“,
вели Велковски.
Засега не се познати детали како и зошто настанал пожарот.
