Би-би-си, преку временската рамка од моментот кога Навални се пожалил на болки во стомакот до неговото пренесување во болницата во Омск, анализира како оваа двочасовна драма всушност била клучна за неговиот живот
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е во кома во болница во Берлин, а германските лекари тврдат дека тој бил отруен со нервниот агенс новичок.
Здравствената состојба на Навални нагло се влоши за време на летот од Томск до Москва, поради што авионот принудно слета во Омск. По два дена испитувања поминати во тамошната болница, руските лекари ги отфрлија тврдењата на најблиските соработници на Навални дека тој е отруен, па дури и не дозволуваа тој да биде пренесен во Германија.
Би-би-си, преку временската рамка од моментот кога Навални се пожалил на болки во стомакот до неговото пренесување во болницата во Омск, анализира како оваа двочасовна драма всушност била клучна за животот на најгласниот критичар на руската власт.
Чајот на аеродром
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, вели дека на кобниот 20 август тој не јадел и не пиел ништо сѐ додека не дошол на аеродромот во Томск, „Богашево“, каде што купил чаша чај.

Еден од патниците на летот сведочеше дека го видел Навални како пие чај околу еден час пред полетувањето. Тој се смеел, се шегувал и се фотографирал со сопатниците кои го препознале.

За време на првиот половина час од летот, Навални веќе почнал да се чувствува лошо. Кога стјуардесите им делеле вода на патниците, тој одбил и отишол во тоалет.

Во тоалетот Навални останал околу 20 минути, пред вратата почнал да се создава ред од патници кои чекале.

Неполн час по полетувањето, целиот екипаж веќе знаел дека на еден од патниците не му е добро.

Точно еден час по полетувањето, според сведочењето на патниците, една од стјуардесите преку разгласот прашала дали има лекар во авионот, по што и останатите патници сфатиле дека ситуацијата е сериозна.
Во меѓувреме, остатокот од екипажот го известил пилотот и се обидел да му укаже прва помош на Навални. Неговиот помошник апелирал за медицинска помош, на што се пријавила една жена која рекла дека е медицинска сестра.
Следниот час таа и стјуардесите се фокусирале на Навални, додека пилотот барал итно слетување.
Не зборуваше ништо, само викаше од болка
Еден од патниците сведочи дека неколку минути по повикот за лекар, Навални почнал да вика од болки. Лежел на подот во делот од авионот резервиран за екипажот.
„Ништо не зборуваше, само викаше“, велат патниците.
Она што го слушнале од разговорот на медицинската сестра и екипажот било како му се обраќаат на Навални: „Алексеј, пиј, пиј. Алексеј, диши“.
„Кога ќе слушневме дека вика, се чувствувавме подобро на некој начин, затоа што можевме да кажеме дека тој е барем уште жив. Јас во тој момент не знаев дека е Навални“, раскажува еден од патниците.
За цело време, додека траело ова, портпаролката на Навални, Јармиш, тврдела дека тој е отруен.

Триесет минути откако им било соопштено на патниците дека ќе има итно слетување, авионот слетал во Омск.

Неколку минути по слетувањето, во авионот влегол медицински тим, кој според сведочењето на патниците, веднаш рекол дека на болниот му е потребна интензивна нега.
Десет минути подоцна пристигнало амбулантно возило.

Околу 15-20 минути им требало на лекарите да направат испитувања на Навални во авионот. Еден од нив, д-р Сидорус, вели дека било тешко да се дознае што се случува бидејќи тој не можел да зборува.

Потоа Навални бил изнесен од авионот на носилка, ставен во амбулантното возило и пренесен во болницата во Омск.

Половина час потоа, авионот полетал кон Москва. По слетувањето на аеродромот „Домодедово“, неколкумина полицајци влегле во авионот и ги испрашувале патниците кои седеле непосредно до местото на Навални, додека на останатите им било дозволено да излезат.
По два дена поминати во болницата во Омск, на 22 август Навални беше пренесен во Германија, иако руските лекари се противеа на тоа, со образложение дека лошата состојба не дозволува транспорт.
По неколкудневно испитување, германските лекари во берлинската болница соопштија дека се работи за труење, но не можеа да прецизираат со што. Руските лекари веднаш се спротивставија тврдејќи дека се работи за метаболичко нарушување.
Пред два дена, германска воена лабораторија го потврди тоа за што се сомневаше – Навални е отруен од воен нервен агенс од групата новичок. Во оваа група отрови спаѓа и отровот со кој во 2018 година во Англија беше отруен поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ.
„Со дозвола на Универзитетската болница ’Шарите‘, специјалната лабораторија на Бундесверот (Федералната армија) спроведе тестирање на примероците на Алексеј Навални. Така, присуството на воениот отров од групата новичок е несомнено утврдено“,
пишува во соопштението на германската влада.